Значително помал број прекршоци во споредба со изминативе месеци, посмирен сообраќај и без сообраќаен колапс помина и денешниот, втор ден од започнувањето на системот „Безбеден град“ по сообраќајниците. Случувањата на сообраќајниците и одвивањето на сообраќајот на најфреквентните сообраќајници на кои се поставени камери за регистрирање на несовесните возачи како да ги демантираат и најголемите песимисти околу начинот на кој ќе функционира новиот систем во Скопје, Куманово, Тетово и на коридорите 8 и 10. Иако скептиците предвидуваа дека во текот на денешниот, прв работен ден во неделата, ќе се случи колапс на сообраќајниците, колони и долги чекања на крстосниците… тоа не се оствари. Сообраќајот по скопските сообраќајници во најголема мера одеше забавено, бидејќи возачите го почитуваа ограничувањето на брзината, но тоа, сепак, не создаваше долготрајни застои. Најголем проблем во сообраќајот, се чини, претставува нефункционалниот „зелен бран“ на најоптоварените сообраќајници, а за што градските власти најавија дека ќе се подобрува.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, синоќа изјави дека е мошне задоволен од почетокот на проектот „Безбеден град“. Во изјавата, тој потенцира дека системот драстично го намалил бројот на сообраќајни прекршоци, како и на бројот на повредени лица и смртни случаи во сообраќајни несреќи.
– Има значително намалување на бројот на сообраќајни прекршоци во споредба од пред два месеци, кога започна тест-периодот. Констатирани се околу петстотини сообраќајни прекршоци од страна на паметните камери, за разлика од пред два месеци, кога беа над 120.000 прекршоци. Бројот на повредени лица во сообраќајни незгодни се намали за околу 35 отсто во Скопје, а бројот на смртни случаи настанати во рамките на сообраќајни незгоди од 11 на 4 – нагласи тој.
И граѓаните, на социјалните мрежи, ги кажуваат првите впечатоци од придржувањето кон новите правила по завчерашниот почеток.
– Денеска беше за мерак возењето низ Скопје. Се надевам дека ќе потрае – напиша една граѓанка.
Друг граѓанин наведе дека темпото на возењето веќе не му зависи од насилните возачи.
– Што беше тоа порано? Мораше да се адаптираш на дивото возење, брзоплето да следиш и да не направиш некој судир – нагласи тој.
Има и граѓани што укажуваат на проблемите.
– Семафорите на зелено траат помеѓу 7 или 30 секунди, да поминат околу 5-15 возила… Без зелен сигнал, ништо. Исплашени и панични, шоферите ќе лазат по булеварите и улиците едвај 30 км/ч, иако е дозволено 50 км/ч, плус толеранција. Ако сме патувале на работа меѓу 45 мин. или еден час, сега ќе патуваме од еден до два часа, со сигурност! – наведе тој.
Но, извесно, за средувањето на безбедноста на сообраќајниците во земјава ќе бидат потребни уште многу вакви промени. МВР вчера соопшти дека во јануари, на подрачјето на земјава, нивните екипи регистрирале 15.943 сообраќајни прекршоци. При ова, од слобода биле лишени 74 лица за безобѕирно управување на возило, согласно со член 297-а од Кривичниот законик. Односно, во просек, секој ден имало по 514 сообраќајни прекршоци.
– Од 74 лица лишени од слобода, 67 се за возење под дејство на алкохол, еден поради возење под дејство на дрога и психотропни супстанци или прекурсори, еден возач поради возење во забранет правец, еден за возење со брзина поголема од дозволената во населено место, четворица за возење со брзина поголема од дозволената надвор од населено место – наведе МВР. (Б. Ѓ.)
На место каде што е дозволено до 60 километри на час, тој „летал“ со 139
Полицијата завчера, патот Битола – Маково, го лишила од слобода П. Г. (22) од селото Ношпал, Битолско.
– При контрола на сообраќајот со радар, полициските службеници констатирале дека тој управувал патничко возило „ауди“ со битолски регистарски ознаки со брзина од 139 километри на час, каде што брзината е ограничена на 60 километри на час – се наведува во информацијата.












