Настапот на најголемите хокеарски ѕвезди на Зимските олимписки игри во Италија во 2026 година е сериозно доведен во прашање. Заменик-комесарот на НХЛ, Бил Дејли, предупреди дека играчите нема да учествуваат доколку квалитетот на мразот на терените не ги исполнува највисоките безбедносни стандарди.
Хокеарите од најсилната лига во светот треба да се вратат на олимпискиот турнир следната година, што би било нивно прво појавување на Игрите од 2014 година. Сепак, има големи сомнежи за арената „Сантаџулија“ во Милано, чија изградба е одложена, иако Игрите започнуваат на 6 февруари. Натпреварите треба да се одржуваат и во салата „Милано Ро“.
- Мразот, ако е неупотреблив, е неупотреблив. Не сакам да бидам несериозен во врска со тоа. Веројатно, ќе знаеме пред официјално да започнат Игрите. Она што ќе го направите во тој момент е друго прашање. Ако сметаат играчите дека е небезбеден мразот, нема да играме – истакна Дејли.











