– Како одговорна влада, ќе му овозможиме на АД ЕСМ без надомест да ги земе резервите на мазут со тоа што кога грчките земјоделци ќе престанат да штрајкуваат, резервите ќе бидат обновени со мазут – рече министерката за енергетика, Сања Божиновска, на седницата за пратенички прашања.
Во однос на поскапувањето на електричната енергија, таа укажа дека цените ги формира Регулаторната комисија за енергетика.
– Иако, според Реформската агенда, државата не треба да дава 100 проценти туку 75 проценти од износот, ние како одговорни кон нашите граѓани, сепак, ги даваме стоте проценти. Цените моментално на пазарот се преку 100 евра, ние ги даваме за 65, со цел граѓаните да немаат никакви ценовни шокови. Во првиот блок се околу 70 проценти од граѓаните, знаеме дека инфлацијата е 4 проценти, иако се шпекулираше со 7,8 проценти и двоцифрени, поскапување има од 2,25 проценти – рече министерката.
Таа посочи дека во новиот закон кој, рече, е целосно имплементиран со Европската Унија, првпат се воведени мерки за енергетска сиромаштија.
– Даваме финансиска помош и други мерки, што значи дека воведуваме првпат концепт на енергетска сиромаштија. Тоа значи дека освен што ќе даваме пари за ранливите граѓани, имаме мерка со која во текот на зимата не смее да ги исклучуваат сиромашните граѓани, тоа досега го немало – додаде Божиновска.












