Милиони луѓе се собраа во саботата на протестите „Без кралеви“, против политиките на претседателот Доналд Трамп, во повеќе градови низ САД. Американците од сите 50 држави маршираа на најмалку 2.500 собири, обединувајќи се зад пораката дека земјата се лизга кон авторитаризам и дека во САД не треба да има кралеви.
Се маршираше во Њујорк, Вашингтон, Чикаго, Мајами, Лос Анџелес… Според „Гардијан“, во целата земја се собрале демонстранти од големи и од мали заедници, со марширачки оркестри, носејќи огромен транспарент со преамбулата на американскиот Устав, на кој се потпишувале и балони во форми на животни, особено жаби, кои се појавија како знак на отпорот, почнувајќи од Портланд, Орегон.
Илјадници луѓе ги исполнија Тајмс сквер во Њујорк и улиците околу него, со транспаренти со слогани како „Демократија, а не монархија“ и „Уставот не е опционален“. Полициската управа на Њујорк соопшти дека се собрале повеќе од 100.000 луѓе во сите пет општини на градот, но дека немало апсења, иако се гледале хеликоптери и беспилотни летала на небото. На Тајмс сквер, полицаец процени дека маршираат над 20.000 луѓе по Седмата авенија.
Во Чикаго, на стадионот „Батлер филд“ во Грант парк, се собраа најмалку 10.000 луѓе, многумина со знаци против федералните имиграциски агенти или исмејувајќи го Трамп. Подоцна „Чикаго трибјун“ процени дека има 100.000 собрани луѓе. Некои од нив викаа: „Рацете подалеку од Чикаго!“, што е повик за собирање кој почна кога претседателот првпат ја објави својата намера да ја испрати националната гарда во градот. Други, пренесува „Гардијан“, извикувале: „Спротивставете му се на фашизмот!“, а многумина користеле вулгарни зборови. Градоначалникот на Чикаго, Брендон Џонсон, ѝ се обрати на толпата со зборовите дека администрацијата на Трамп „одлучила дека сака реванш на граѓанската војна“.
Повеќе од 200.000 жители на областа Вашингтон се собраа во близина на американскиот Капитол.
Балоните во форма на животни ги имаше во многу градови, што е тема во стилот на дадаизмот, создадена во текот на протестите за спроведување на имиграциските закони во Портланд, Орегон, како отпор кон наративот на администрацијата дека градот е во канџите на беззаконието и на хаосот. Додека главниот протестен марш во центарот на Портланд, Орегон, беше мирен, а локалните полицајци помогнаа да се блокираат улиците и мостовите за луѓето што маршираа, на помал протест пред објектот на Службата за имиграција и царина во јужниот крајбрежен кварт на градот, федералните службеници употребија сила. Во Санта Фе, Ново Мексико, меѓу костимираните ликови имаше еднорози, кокошки и жаби. Вчера изутрина, во Џорџија, најмалку 10.000 луѓе се собраа на платото на Граѓанскиот центар на Атланта, во подготовка за марш до главниот град на државата.
Протестите беа мирни, но безбедносните мерки беа заострени. Демонстрации за искажување солидарност со американските граѓани се одржаа и низ Европа: во Берлин, Мадрид и Рим, Лондон… Во Торонто, во близина на американскиот Конзулат, демонстрантите мавтаа со транспаренти на кои пишуваше „Рацете подалеку од Канада!“.
Американците се длабоко поделени околу Доналд Трамп, според неодамнешната анкета на „Ројтерс“ и на „Ипсос“, според која околу 40 проценти од испитаниците го одобруваат работењето на Трамп како претседател, додека дури 58 проценти не го одобруваат.