Без јасни правила, но со јасни намери – независните влегуваат во изборната арена

И покрај неуспешниот обид за законски измени и политичките блокади, независните иницијативи не се откажуваат од учество на локалните избори – некои веќе тргнаа во трка за градоначалнички позиции, додека други собираат потписи за регистрација како партии. Дел од активистите стравуваат дека политичките елити намерно создаваат правна магла за да го отежнат пристапот на граѓаните до изборниот процес. Расправањата околу процентот на потребни потписи ги разоткрија длабоките несогласувања меѓу партиите, но и меѓу етничките блокови во Собранието. Во меѓувреме, се појавуваат нови кандидати кои ветуваат раскинување со статус квото и воведување на вистинска граѓанска алтернатива. Јавноста очекува институциите да понудат правна јасност во „пет до дванаесет“, за изборната кампања да не започне под сенка на правна несигурност и недоверба во системот   

243

По серија контрадикторни изјави, законски измени и укинувања на правилници, македонската јавност остана во неизвесност околу тоа какви услови ќе важат за учество на независни кандидати на претстојните локални избори. Додека едни институции тврдат дека потписи се неопходни, други упатуваат на уставни одлуки со кои тие услови веќе се укинати. Нејаснотијата околу изборните правила уште повеќе се зголеми откако во саботата, Собранието не ги донесе измените и дополнувањата на Изборниот законик со кои требаше да се регулира колкав процент потписи од вкупниот број избирачи запишани во изводот на Избирачкиот список на изборната единица (ИЕ) треба да соберат независните кандидати за учество на локалните избори. Предлог измените и дополнувањата добија поддршка од мнозинството пратеници, но со оглед дека санува збор за решение кое се однесува на локалните избори, потребно беше да се гласа и по Бадентер. За предложените измени и дополнувања 18 од пратениците од помалите етнички заедници беа против, а 11 гласаа „за“. Со измените на Изборниот законик, првично се предвидуваше праг од 0,95 отсто потписи од запишаните избирачиво една општина за кандидирање независна листа, а потоа со амандман тој се намали на 0,5 отсто. Предложените измени сепак не поминаа, откако ДУИ беше против во гласањето според Бадентер.

Портпароката на СДСМ, Богданка Кузеска, изјави дека партијата жали што власта ја пропуштила шансата да се обезбеди изборна рамка која е фер, праведна и прифатлива за сите.

-Пред ЗКП направивме координација и сите партии освен ДУИ поддржаа 0,5 за независните. Се ризикува изборите да се претворат во хаос. Мора многу внимателно да се разгледаат сите правни аспекти. Жалиме што се пропушти шансата да се стави рамка која беше добра и прифатлива за сите, изјави Кузеска одговарајќи на новинарско прашање.

Во оваа конфузна правна и политичка атмосфера, граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“ (ЗХГ) реши да не ризикува – и продолжува со собирање потписи за формирање политичка партија, стравувајќи дека преку нови административни трикови, повторно ќе им биде оневозможено да учествуваат на изборите.

Активистите од ЗХГ коменираат дека прагот од 0,95 отсто практично значи дека бројот на потписи што е потребен за некој да добие право да учествува на изборите во Град Скопје, како дел од независна листа, е приближно ист со бројот на гласови што на претходните локални избори беа потребни за да се освои советничко место.

-Со претходниот закон за независно кандидирање требаа 4.500+ потписи за Град Скопје, а со сегашниот предлог ќе требаат 4.430 – колку што на локалните избори во 2021 г. „тежеше“ едно советничко место! Најновиот амандмански предлог прифатен во двете комисии и од власта и опозицијата беше 2.300 потписи за воопшто да добиеме право да се кандидираме за Град Скопје. Потсетуваме дека потписите треба да ги собереме во период од само 15 дена во ек на летни одмори исклучиво во канцелариите на ДИК, велат од Зелен хуман град.

Оттаму обвинуваат дека измените на Изборниот законик се обид за лажно и привидно намалување на прагот кој е превисок дури и за држави со далеку побројно население од нашето.

-Ова е уште еден подмолен обид за целосно исклучување на граѓаните од политичкиот живот и обид за зацврстување на монополот на зацементираните партии кои повеќе од три децении буквално ги крадат нашето здравје, нашата среќа, нашите животи, а сега ни го крадат и правото на избор! ЗХГ продолжува да собира потписи од сите државјани на Македонија кои сметаат дека вреди да се поддржи единствената партија формирана од долгогодишни волонтери кои ги живеат принципите на заштита на животните, животната средина и социјална правда. Продолжуваме да собираме потписи од сите кои сметаат дека мора да се стави крај на префрлањето на топката меѓу играчите кои над 3 децении покажуваат дека играат против нас, граѓаните, велат од ЗХГ и даваат инструкции како граѓаните да им дадат поддршка.

ЗХГ почна со собирање потписи за формирање политичка партија и покрај изјавата на претседателот на ДИК, Борис Кондарко, дека „согласно Уставот и Законот, секој има еднакво избирачко право да бира и да биде избран“ и дека ДИК стриктно ќе го применува членот 60 од Изборниот законик, каде што се предвидува кандидирањето и на „група избирачи“, односно ќе прифаќа независни кандидатури за локалните избори без граѓански потписи.

Изборниот законик ги отвори етничките пукнатини

По собраниската седница на која не поминаа измените и дополнувањата на Изборниот законик со кои требаше да се регулира колкав процент потписи од вкупниот број избирачи запишани во изводот на Избирачкиот список на изборната единица треба да соберат независните кандидати за учество на локалните избори, се огласи Алијанса за Албанците (АА) преку својот официјален фејсбук профил, од каде велат дека се потврдило дека оваа Влада нема Бадентерово мнозинство и дека „сака да функционира без еден од главните столбови на Охридскиот договор и важечкиот Устав“.

-Денес во Собранието, највисоката законодавна институција во земјата, позната и како „дом на граѓаните“, официјално беше потврдено она што го кажуваме веќе една година. Оваа Влада нема етнички легитимитет, не ги претставува сите граѓани и сите етнички заедници, туку е моноетничка Влада која се обидува да ги наруши и дискриминира другите, особено Албанците. За време на гласањето за измените на Изборниот законик, предлогот на оваа Влада доби само 11 гласови од пратениците на немнозинските заедници, додека 18 гласаа против. Ова е уште една официјална потврда дека оваа Влада нема Бадентерово мнозинство и дека сака да функционира без еден од главните столбови на Охридскиот договор и важечкиот Устав. Ги повикуваме албанските партии во Владата да го напуштат овој вазализам, правилно да ја прочитаат волјата на Албанците и да го прифатат фактот дека немаат потребен легитимитет да останат таму каде што се, потчинети и понижени секој ден, велат од Алијанса за Албанците.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски во расправата по измените и дополнувањата на Изборниот законик со кои требаше да се регулира колкав процент потписи треба да соберат независните кандидати за учество на локалните избори, истакна дека на ДУИ не и е грижа за независните кандидати, туку „си тера политика во која тие се жртвите“.

– Покажавме дека сакаме да се надминат правните недоречености и дека единствено ни е важно да се обезбедат еднакви услови за учество на сите заинтересирани граѓани на претстојните локални избори. Вам целта ви е друга, да претставите пред вашите гласачи дека некој прави нешто против вас, а суштината е многу едноставна – независните кандидатури за градоначалници и советнички листи да може да учествуваат на локалните избори, но вие го укинувате тоа, рече Мицевски, обраќајќи им се на пратениците Интегративци.

Ивановска, Стојковски и Белчева со амбиции за градоначалници

Во меѓувреме, независните кандидати решија да не чекаат конечното дефинирање на условите за нивно кандидирање на локалните избори и почнаа да објавуваат свое учество во градоначалнички трки. Екс-претседателката на Државната изборна комисија Билјана Ивановска објави дека ќе влезе во таа трка како претставник на три граѓански организации кои како нова платформа Независни заедно. Тие се во процес на собирање на илјада потписи на граѓани за да се формираат како политичка партија. Но, веднаш по најавата, Ивановска ја брануваше јавноста со информацијата дека врата само по 11 часа откако ја најави кандидатурата ѝ затропале полицајци на врата за да врачат покана да дојде во Јавното обвинителство поради кривична пријава поденесена против неа. Од Јавното обвинителство, пак, соопштија дека се постапува по кривична пријава поднесена против Ивановска уште во февруари 2025 година и дека не е поврзана со нејзините политички активности.

Независен кандидат ќе има и во градоначалничката трка во општина Куманово. Таму, Горан Стојковски, кој моментно работи во Секторот за урбанизам во општина Куманово, а два мандати беше директор на ЈП „Водовод“, соопшти дека планира да му го стави крајот на „хаосот во кој се наоѓа градот“. Тој заедно со носителот и дел од кандидатите за советници ја презентираше кандидатурата во име на граѓанската иницијатива „Ред за Куманово“.

Нов учесник во трка ќе има и за градоначалник за Скопје, а тоа е Јана Белчева, од Шанса за Центар, која е дел од идната партија Независни заедно која собира граѓански потписи за регистрација. (В.С.Н.)

 

 

ИЗДВОЕНИ