Од средината на оваа година, сите нови автомобили во Европската Унија, ќе мора да имаат задолжително инсталирано ново стоп-светло, кое јасно укажува на опасност во одредени ситуации, а целта е што е можно порано да се предупредат другите учесници во сообраќајот и да се избегне судир со возило кое сопира.
Според регулативата на ЕУ за општа безбедност на возилата, од 7 јули оваа година ќе се воведе обврска за инсталирање на сигнал за итно запирање, што вклучува трепкачко стоп-светло за време на силно сопирање и автоматско активирање на трепкачите по нагло запирање. Овој сигнал се активира автоматски при брзина над 50 километри на час. Без тој сигнал, хомологацијата на возилото повеќе нема да биде можна од наведениот датум.
„Досега задните стоп-светла се вклучуваа само при сопирање, но новата технологија ќе прави разлика помеѓу обично и силно сопирање. Прецизното, визуелно предупредување може да спречи сериозни сообраќајни незгоди“, објаснуваат од Хрватскиот авто клуб (ХАК) за тамошните медиуми.
Важно е да се напомене дека оваа регулатива се однесува исклучиво на нови патнички и лесни комерцијални возила. Постојните автомобили немаат обврска да бидат надградени со овој систем, и тие ќе останат како досега.












