Кошаркарите на Панатинаикос беа поразени во дербито со Олимпијакос со 82:87. на домашен терен, во рамките на 19. коло од Евролигата. Еден ден подоцна, сите играчи на атинските „зелени“ мораа да се јават кај сопственикот на клубот, Димитрис Јанакопулос. Контроверзниот бизнисмен откри дека играчите биле пијани до пет часот изутрината пред големиот натпревар.
Тој не сакаше да споменува имиња, но очигледно е добро информиран за тоа што се случувало и вели дека гледа само неколкумина кошаркари со желба и жар за победа.
- Во минатото бев исклучително строг кога станува збор за дисциплината надвор од теренот. Можеби, најстрогиот сопственик на европски тим во тој поглед. Знаете што… има натпревари чија важност мора да ја разбереме. Има некои работи што не можам да ги прифатам. Знам кој пиел, колку пиел и кога пиел. Нема да споменувам имиња, иако знам сè. Пред два дена, а знаете кои сте, во пет часот изутрината бевте пијани. Дали е можно тоа? Не. Не можам да го прифатам тоа. Не од казнени мотиви, туку затоа што ме боли. Доаѓате и барате зголемување од 100 до 150 проценти, и го добивате. Но, од моја страна барам 250 проценти повеќе професионализам и посветеност – грмеше Јанакопулос на тренинг.











