Поранешниот бразилски репрезентативец и некогашен ас на Барселона, Севилја и на Јувентус, Дани Алвеш, повторно се најде во центарот на вниманието, овој пат поради својата емотивна исповед за периодот што го помина во затвор. Тој изјави дека, иако има блескава кариера и заработени милиони евра, вистинскиот мир го пронашол дури во најтешките моменти од животот. Во говор што брзо стана вирален на социјалните мрежи, Алвеш истакна дека верата во Бог му помогнала да ја преброди тешката животна фаза.

  • Порано играв фудбал, па чистев соби во затвор, но го имав мојот татко покрај мене – рече Алвеш, мислејќи на Бога.

Тој додаде дека токму тогаш сфатил што е навистина важно во животот.

  • Се прашав колку вредат милионите ако немаш татко – порача поранешниот дефанзивец, нагласувајќи дека духовната сила му дала надеж и мир.

Неговите зборови предизвикаа бројни реакции, а видеото од говорот за кратко време се прошири на социјалните мрежи.

Алвеш помина повеќе од една година во притвор во Шпанија откако беше обвинет за сексуален напад.

Првично беше осуден на четири и пол години затвор, но подоцна Високиот суд на Каталонија ја поништи пресудата и го ослободи од обвиненијата.

По укинувањето на пресудата, поранешниот бразилски репрезентативец повторно се појавува во јавноста, а неговите настапи најчесто се поврзани со верата, личната трансформација и со периодот што го мина зад решетки.

 

ИЗДВОЕНИ