
Легендарниот германски тенисер, а подоцна и тренер, Борис Бекер, повторно проговори за најтешкиот период во својот живот и за затворските денови. Тој ја разголи својата душа во емисијата „2025! Menschen, Bilder, Emotionen“ и откри низ што минувал.
– Изгледам силно и самоуверено. Не бев таков во затвор. Имав страв од смртта. Седев со убијци, педофили и со дилери на дрога, најлошите криминалци што може да ги замислите. Во затвор, ги губите слободата, пријателите и децата. Без поддршката од мојата сегашна сопруга, Лилијан де Карваљо Монтеиро, немаше да успеам – вака Бекер ја започна својата приказна.
Интересно е што Борис Бекер плачеше само еднаш во текот на затворските денови, и тоа од среќа. Новак Ѓоковиќ го освои Вимблдон, а тој го гледаше финалето со други затвореници.
– Тоа беше единствениот ден кога плачев, но од среќа. Станав, ги кренав рацете во воздух и се чувствував како победник – призна тој.
По три години откако беше ослободен од затвор, Бекер се чувствува како друга личност.
– Излегов пред три години и денес сум нов човек – призна тој.










