Некогаш еден од најдобрите плејмејкери во НБА, Џон Вол, ја заврши својата богата кариера. Тој не можеше да влезе во форма со години, а сега, по 11 сезони во НБА, реши да ѝ стави крај на својата професионална кошаркарска кариера.

По само една година во Кентаки, Вол беше избран како прв пик во 2010 година, пред играчи како Демаркус Казинс, Гордон Хејвард, Пол Џорџ… Тој беше избран од Вашингтон, каде што помина десет години и беше редовен член на ол-стар тимот од 2014 до 2018 година. Победи на натпреварот за забивање на ол-старот во 2014 година, а, исто така, беше и во вториот дефанзивен тим на лигата во 2015 година.

По Вашингтон, две години играше во Хјустон, една во Клиперс, но дотогаш неговото тело го издаде. По серијата повреди, се обиде да се врати, но, всушност, го одигра својот последен натпревар во 2023 година и сега официјално објави дека повеќе нема да се врати на теренот.

  • Сè се случи толку брзо, во период од само три години. Бев на врвот, а потоа речиси загубив сè. Таа 2017 година, скокнав на маса со новинари во Вашингтон, затоа што успеавме да го добиеме седмиот натпревар против Бостон. Бев крал на градот. Добив максимален договор, бев убеден дека ќе играм таму до крајот на животот. Една година подоцна, ја скинав Ахиловата тетива и загубив сè што имав – кошарката. Имав сериозна инфекција по операцијата, малку недостигаше да ми ја ампутираат ногата. Една година потоа, ја загубив мојата најдобра пријателка, мајка ми, таа почина од рак на дојката – напиша Џон Вол.

Токму кога беше на врвот од светот, сè почна да тоне.

  • Бев во Шарлот, работев на закрепнувањето, стигнавме во хотелот и потоа добив повик: „Твојата мајка почина, но лекарите успеаја да ја вратат во живот и да ја стават на респиратор. Треба да дојдеш што е можно поскоро“. Тогаш полудев, скршив сè во хотелот, телевизорот, огледалата, сè. Во тој момент, навистина се зближив со Бред, тој дојде во мојата соба и беше таму во најтешкиот момент од мојот живот. Ме однесоа во болницата таа вечер. Кога влегов во собата и ја видов на респиратор, нејзините гради се креваа и паѓаа, и се онесвестив. Кога се освестив, целото семејство беше околу нејзиниот кревет, таа беше во кома, очите ѝ беа затворени. Беше навистина доцна, луѓето почнаа да си одат, бевме само сестра ми и јас. И одеднаш – нејзините очи се отворија. Не можеше да зборува, само плачеше, солзи ѝ течеа по лицето. Ѝ рековме: „Ти благодариме, ти благодариме што беше наша мајка“. Потоа некој ја отвори вратата од собата, таа ги затвори очите и никогаш повеќе не ги отвори. Три ноќи бев покрај нејзиниот кревет, држејќи ја за рака. Четвртата ноќ таа почина. Најмногу ме погодија моментите по тоа, кога ќе се јавев на телефон за да ја слушнам, сфаќајќи дека нема никој да се јави. Разговаравме шест-седум пати на ден, речиси секој ден. Кога почина, ѕвонев на тој број шест-седум пати на ден, само за да ја слушнам гласовната порака, разговарав со неа, иако знаев дека повеќе не е таму. Моите мисли беа црни. Размислував која е смислата на животот, ја нема неа, нема кошарка. Имањето пари и слава не значат ништо ако немате мир во животот. Заедно со сето тоа, франшизата на која дадов 10 години од мојот живот ме продаде. Недолго потоа, паднав во депресија, почнав да размислувам: „Можеби е подобро да ме нема“ – рече Вол во својата емотивна исповед.

ИЗДВОЕНИ