Бесплатно четири пати месечно ќе може да се подигаат пари од банкомат на други банки

40

Народната банка предлага граѓаните да добијат право на четири бесплатни подигнувања месечно од банкомати на други банки, во износ до 2.000 денари од трансакција. Според гувернерот Трајко Славески, целта е да се обезбеди достапност до готовина за сите граѓани, без разлика на тоа во која банка имаат сметка. Мерката би требало да стапи на сила на почетокот од 2026 година.

– И понатаму мнозинството граѓани ќе ја користат готовината, иако во помал обем. Препорачливо е дома да се има готовина за основните потреби, за период од барем неколку дена до недела – наведе гувернерот.

Тој додава дека приврзаниците на кешот ги истакнуваат анонимноста и слободата, што, според него, е став што треба да се почитува.

– На современите луѓе треба да им се остави самите да одлучат во која мера, според сопствените потреби и преференции, ќе користат комбинација од платежни картички, апликации за плаќање и готовина за извршување на плаќањата – наведува гувернерот.

Славески забележува дека постои нерамномерна покриеност со банкомати низ земјата, поради што ќе се иницира создавање национална мрежа на банкомати. Таа мрежа ќе се потпира на постојната инфраструктура на банките, со план за надградба и оптимизација во интерес на граѓаните и на самите банки.

Според плановите, националната мрежа на банкомати треба да заживее до крајот на 2026 година.

 

 

ИЗДВОЕНИ