Зимското издание на мрежата на фестивали на Јадранскиот Регион ќе се одржува од денеска (22 јануари) до 5 февруари, со што публиката во Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска, Словенија и во Македонија ќе има можност бесплатно да гледа избор на наградувани регионални филмови – во кината и онлајн. Публиката ќе има можност да гледа шест наградени регионални филма: „Семејна терапија“ од Соња Просенц, „Fiume o morte!“ од Игор Безиновиќ, „After the Summer“ од Данис Тановиќ, „Мајка Мара“ од Мирјана Карановиќ, „Живи и здрави“ од Иван Мариновиќ и „Планета 7693“ од Гојко Бекуљан. Програмата започнува со бесплатни кинопроекции во Белград, Сараево, Загреб, Љубљана, Херцег Нови и во Скопје, додека сите филмови ќе бидат достапни онлајн од 23 јануари, преку платформата ondemand.kinomeetingpoint.ba.
Проекцијата на филмот „Мајка Мара“ во режија на Мирјана Карановиќ ќе се одржи во „Синеплекс“, вечерва (22 јануари) со почеток во 19:00 часот. На проекцијата ќе присуствува режисерката и главна актерка Мирјана Карановиќ, актерот Вучиќ Перовиќ, кој ја толкува главната машка улога и кинематограферот Игор Маровиќ.
„Мајка Мара“ е приказна за средовечна успешна бизнисменка и самохрана мајка, уништена од прераната смрт на својот син единец. Таа емотивно се отуѓува и одбива да комуницира со семејството и со пријателите, но кога го запознава блискиот пријател на покојниот син, Милан (Вучиќ Перовиќ), наоѓа утеха и мир во односот со него. Заедно тие откриваат сè повеќе факти за животот и за смртта на Немања, што ѝ дава можност да се соочи со сопствените живот и емоции.
Зимското издание се реализира како заеднички проект на Белградскиот филмски фестивал, Сараевскиот филмски фестивал, Меѓународниот филмски фестивал во Љубљана, Загрепскиот филмски фестивал, филмскиот фестивал „Херцег Нови“ и фестивалот „Браќа Манаки“. Програмата се спроведува со поддршка на потпрограмата МЕДИА од програмата „Креативна Европа“.












