вторник, февруари 10, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Бесплатни на хартија, со пари во ординација – контролите открија скриена наплата...

Бесплатни на хартија, со пари во ординација – контролите открија скриена наплата кај гинеколозите

ФЗО и УЈП со заеднички наоди

490

Дел од жените во Македонија сè уште плаќаат за гинеколошки услуги што треба да им бидат бесплатни, а според последните контроли на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) и Управата за јавни приходи (УЈП), оваа појава е потврдена со бројни неправилности кај приватни матични гинеколози. ФЗО има договор со 149 приватни здравствени установи за примарна гинеколошка заштита, а контролите во 49 од нив беа извршени поради зголемен број претставки од осигуреници, при што кај 23 установи беа најдени неправилности, вклучително наплата на дополнителни средства што законски не смеат да се наплатат, а УЈП најде пропусти во фискалната евиденција кај 20 установи со изречени глоби.

-– Во ноември 2025 година извршени се заеднички контроли со УЈП во 49 ПЗУ (33% од вкупниот број договори). Контролите се извршени поради зачестени претставки од осигуреници. Заедничка контрола на ФЗО и УЈП за последен пат е направена во 2012 година. Целта на контролите е проверка на придржување кон договорните обврски, особено кон одредбата дека: „Прегледот, ЕХО, колпоскопијата, земањето на брис за микробиолошко и цитолошко испитување (за ПАП-тест), како и сите други дијагностички и терапевтски процедури кои се согласно медицина заснована на докази кај избраниот лекар не се наплатуваат“ – изјави директорот на ФЗО, Сашо Клековски.

– Кај 35% односно 16 установи утврдивме неправилности во евидентирањето на готовинскиот промет и веднаш беа изречени прекршочни санкции. Сакам јасно да потенцирам, иако здравствените услуги се ослободени од ДДВ, а најголем дел од овие установи плаќаат симболичен годишен данок на вкупен приход од 1% или се целосно ослободени, тоа не значи дека неевидентирањето на прометот е без даночен ефект – кажа директорката на УЈП Елена Петрова.

Многумина не знаат дека според правилата на ФЗО гинеколошки прегледи, земање брис за микробиолошко и цитолошко испитување (ПАП тест), ултразвучни (ехо) прегледи и колпоскопија треба да бидат бесплатни заосигурените пациенти, со исклучок на некои специјални тестови како што е HPV скринингот што сè уште не е целосно вклучен како редовна бесплатна услуга за сите жени.

Пациентки на социјалните мрежи се жалат дека кај одредени матични гинеколози плаќале за ПАП тест и ултразвук и не добиле фискална сметка, што е спорно не само здравствено, туку и даночно.

Според ФЗО, овие дијагностички процедури се дел од основните услуги што не смеат да се наплаќаат од осигурениците, но реалноста во одредени практики е поинаква.

Така Марија, 38 год. од Скопје, на социјалните форуми пишува дека кога отишла на редовен гинеколошки преглед, гинекологот ѝ побарал надомест за ПАП тест и ехографија: „Ми рекоа дека е административна такса што сите ја плаќаат и не ми дадоа фискална сметка.“ Слично се пожали и Елена, 45 год. од Битола: „Знам дека ФЗО треба да ги покрие овие услуги, сепак ми бараа 2.000 денари без фискална сметка.“ Двете пуштиле преставки но не сакале да се потпишат со целото име поради страв од можни реперкусии од своите лекари.

Во пракса, приватните клиники често веќе имаат посебни ценовници за гинеколошки услуги што ги нудат приватно, надвор од системот со ФЗО. На пример, цените на некои од овие услуги на приватни гинеколози изнесуваат: ПАП тест околу 2.000-2.750 денари, вагинален ултразвук 2.000-3.400 денари, и преглед околу 1.000 денари, додека пак пакетите кои комбинираат повеќе услуги можат да чинат и над 4.000 денари.  Овие цени се на приватно, но осигурените пациенти би требало да ги добијат истите без надомест преку ФЗО кај својот матичен гинеколог.

Проблемот што контролите го истакнуваат е токму тоа што некои гинеколози заработуваат надоместоци од осигурени лица за услуги што законски треба да се обезбедат бесплатно, а дополнително не го евидентираат прометот со фискални сметки, што отвора простор за неевидентирани приходи и поткопување на системот. УЈП потенцира дека неевидентирањето на приходите може да се користи како неоданочен личен доход, што има негативни ефекти врз јавните приходи.

– Оваа пракса го поткопува системот, создава нефер предност на сметка на оние што работат законски, а во поширок контекст прогресивно води до зголемени загуби на јавни приходи. УЈП нема да толерира вакво однесување. Ќе продолжиме со засилени и координирани контроли и други мерки, се’ до целосно усогласување на овие субјекти и постигнување трајна промена во насока на точно, целосно и навремено евидентирање на прометот и приходите од работењето – изјави Петрова од УЈП и предупреди дека неевидентирањето на приходите остава простор за нивно користење како неоданочени лични примања, стекнување личен имот од неоданочен доход, како и за плаќања на набавки во готово што директно ја храни сивата економија.

Ова не само што создава финансиски товар за џебот на пациентките, туку и создава сомнеж за злоупотреби на ПЗУ кои работат со Фондот. (П.А.)

 

 

 

ИЗДВОЕНИ