Општина Кисела Вода ги проширува бесплатните логопедски, дефектолошки и психолошки услуги и за децата од Драчево и за децата од околните населби Пинтија, Усје и Стаклара, како одговор на зголемениот интерес и на реалните потреби на семејствата.
Oд Општината велат дека со оглед на тоа што веќе една и пол година, Центарот за психофизичко здравје „Гаспар“ успешно реализира вакви часови во Припор, а интересот и бројот на корисници постојано расте, одлучиле да ја направат услугата подостапна и за овој дел на општината, уште еднаш потврдувајќи ја својата лидерска улога како прва општина во државата што овозможила ваков тип бесплатна поддршка за децата.
–Нашата цел е јасна – треба и мора да има навремена поддршка, полесен пристап и услуга поблиску до семејствата. Општина Кисела Вода беше и останува првата општина во државата која воведе ваков тип бесплатни логопедски, дефектолошки и психолошки услуги за деца. Со ова проширување ја потврдуваме нашата лидерска улога и покажуваме континуитет во политиките кои се насочени кон реалните потреби на граѓаните. Сакам јасно да нагласам дека овие услуги се целосно бесплатни за децата од семејства во социјален ризик, како и за децата кои имаат наод и процена од стручна комисија (МКФ). Дополнително, обезбедена е и бесплатна психолошка поддршка за овие семејства, затоа што поддршката мора да биде сеопфатна и долгорочна – нагласи градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.
Таа додаде дека особено важен сегмент од оваа соработка е и тоа што, согласно со договореното, „Гаспар“ врши обуки за вработените во градинките и во училиштата во општината, со цел унапредување на нивните знаења и вештини за работа со деца кои имаат ваков тип тешкотии, што ќе значи подобар систем, поголем квалитет и сигурност за родителите.












