Галичник на бесплатна апликација – Мутавчејн полн со информации во разговорна форма

21

На почетокот на ова лето, компанијата за софтверски решенија – Карбула (karbula.org) ја пушти во употреба бесплатната апликација Мутавчејн (mutavcha.in), наменета за дигитализација и споделување на постоечките податоци и информации во форма на знаење кон пошироката јавност.

Со цел подобро запознавање на заедницата во Галичник за чијашто потреба првенствено е изработена апликацијата, изминатите месеци тимот на Карбула ги интензивираше активностите за презентирање на решението, како за намените на корисниците, така и за заинтересираните инженери од софтверската индустрија кои работат со методологијата RAG (Retrieval-Augmented Generation), која што овозможува споделување податоци и информации, во разговорна форма.

Од Карбула беа задоволни од приемот на апликацијата кај заедницата: „Многу интересни беа настаните што ги организиравме за промоција на Мутавчејн каде што добивме позитивни реакции, а исто така и совети и идеи за нови функционалности. Од една страна во Галичник слушателите ни посочија нови извори на податоци и информации за Галичник што може да се интегрираат во апликацијата. Од друга страна, инженерската и лингвистичката фела покрај позитивното изненадување од откривањето на начинот на којшто е развиен Мутавчејн, и можното искористување на истата технологија и во други домени, несебично даде и сугестии за технички подобрувања, посебно при преведувањето на одговорите од литературен македонски јазик на галички дијалект. Тоа не мотивира да продолжиме и понатаму со подобрување на постоечките функционалности и воведување нови.“

На прашањето, кои се следните чекори што се планираат во врска со Мутавчејн, од Карбула одговараат дека во следниот период ќе продолжат да ја мониторираат активноста на апликацијата со цел да се овозможи стабилизација и прилагодување на зголемениот број корисници.

-Она што е важно за инженерите што стојат зад апликацијата е уште повеќе да се олесни нивната работа при евалуација на одговорите на прашањата со цел да се намали процентот на несоодветни текстуални генерирања. Тоа може да се постигне со т.н. автоматска евалуација што е голем предизвик за вештачката интелигенција, а воопшто и ќе претставува многу важен момент доколку успешно се реализира кај Мутавчејн. Паралелно, останува да се реализираат дел од барањата на корисниците, најчесто во форма на конкретни книги и написи- велат од Карбула.

А за тоа каде ја гледаат Мутавчејн после 10 години, од Карбула се реални дека тоа е незгодно прашање и со оглед на тоа колку често се менуваат технологиите посебно на полето на вештачката интелигенција, тешко е да се предвиди дали апликацијата ќе остане во сегашната форма во која што е имплементирана или ќе биде целосно „препишана“ во некоја друга технологија.

-Сепак една декада е предолг период за да се предвидат нештата. Да одиме чекор по чекор, прво со плановите за следната година, а би биле задоволни дури и ако се реализира дел од нив. Бидејќи идејата за споделување знаење во динамички облик, што е во врска со Галичник, е многу постара од Мутавчејн, никој од нас не очекуваше дека пред 2 години ќе се појави технологија со која ќе биде возможно да се реализира еден одговарач на прашања што не е човек. Ние би сакале Мутавчејн да опстојува уште долго, но исто така сме свесни дека треба и мора да се прилагодуваме кон она што се случува околу нас од аспект на софтверот и вештачката интелигенција, а може да се искористи за потребите на Мутавчејн – сметаат од Карбула.

Бидејќи се работи за важна апликација не само за потребите на заедницата поврзана со Галичник, туку и за примената на концептите од вештачката интелигенција воопшто, се надеваме дека Мутавчејн ќе донесе многу новини, како и влијание врз други општествени и бизнис сегменти и следната година.

 

ИЗДВОЕНИ