Општина Центар, во рамки на проектот EU4Digital, воведе бесплатна „вај-фај“ зона во Дебар Маало, на улицата „Боемска“ и на скверот пред Општината, со цел граѓаните и посетителите да имаат лесен и безбеден пристап до интернет и дигитални услуги.
Според најавите, наскоро слободни интернет-зони ќе бидат поставени и во Капиштец, за уште полесен пристап до информации на отворено. Користењето на „вај-фај“ зоните е 24/7, бесплатно и без лозинка, со вградени безбедносни ограничувања за заштита на корисниците.
– Општина Центар е лидер во дигитализацијата на општинските услуги. Воспоставувањето на слободни интернет-зони е пример како треба да функционира современа општина – со безбедни и модерни јавни простори и отворен пристап до информации и дигитални услуги за сите граѓани – истакна градоначалникот Горан Герасимовски.
Новите „вај-фај“ зони се наменети за жителите, посетителите и туристите, со што централното подрачје на Скопје станува уште поатрактивна и современа дестинација за сите.












