Општина Илинден, во соработка со Германската агенција за меѓународна соработка (ГИЗ), започна со реализација на активностите за поставување бесплатна јавна вај-фај мрежа во новиот современ урбан парк плоштад во Марино.
Проектот е дел од иницијативите за унапредување на дигиталната поврзаност во регионот на Западен Балкан и претставува значаен чекор кон модернизација на јавните простори и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.
Од Општина Илинден информираат дека со имплементацијата на оваа услуга, посетителите на плоштадот парк ќе имаат можност за бесплатно и неограничено користење на интернет, овозможувајќи полесна комуникација, пристап до информации и дигитални услуги додека уживаат во погодностите на овој урбан простор.
– Новиот парк плоштад во Марино претставува современо уреден јавен простор, наменет за одмор, рекреација и дружење на граѓаните. Со воведувањето на бесплатна вај-фај мрежа, овој простор добива дополнителна функционална вредност и се вбројува меѓу модерните јавни зони кои ги следат европските и светските трендови – соопштија од локалната самоуправа.
Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, истакна дека дигитализацијата на локално ниво претставува стратешки приоритет на Општината, при што нагласи дека континуираното вложување во паметни и иновативни решенија е насочено кон создавање модерна, функционална и урбана средина, која одговара на потребите на граѓаните и на современите општествени текови.
Почна градежната сезона – се асфалтира улица „103“ во Марино
Со активностите за асфалтирање на новоизградената улица „103“ во местото викано Јака во Марино, започна градежната офанзива во Општина Илинден.
Од Општината информираат дека оваа улица е во вкупна должина од 512 метри и широчина од 6 метри, со тротоари од двете страни на улицата со широчина од 1,5 метри.
Воедно, пред започнувањето на овие активности биле поставени повеќе приклучоци за фекална канализација и водоснабдување на локалните објекти кои се наоѓаат по должината на улицата.












