Бесплатен скрининг за заболувања на црниот дроб во 10 градови низ земјата

42

Со примена на современи дијагностички методи преку скрининзи навреме ќе се откриваат и лекуваат болестите на црниот дроб. Тоа е целта на националната јавно-здравствена кампања за подигнување на свеста, превенција, рана дијагностика и елиминација на вирусните хепатити и црнодробниот карцином што се спроведува по повод 28 јули, Светски ден на борба против хепатитис. Околу 40.000 пациенти во Македонија се заразени со хепатит. Во рамки на превентивната програма за годинава се спроведува скрининг за хепатоцелуларен карцином.

Во рамки на кампањата денеска на скопскиот плоштад беше поставена мобилна амбуланта, со што им се овозможува на граѓаните бесплатен и анонимен скрининг. Покрај Скопје, мобилните пунктови ќе бидат поставени и во уште девет градови низ државата. На 30 јули од 18:00–20:30 ќе биде во Куманово, во Тетово од 10:00–12:30 и Гостивар од 18:00–20:30. На 1 август пак, 10:00–12:30 ќе биде во Струга и во Охрид: 18:00–20:30, на 4 август во Битола од 10:00–12:30  и Прилеп од 18:00–20:30, а на 6 август во Штип од 10:00–12:30 и Гевгелија од 18:00–20:30 часот.

Министерот за здравство Азир Алиу изјави дека овие програми се многу битни за нив како институција и се дел од нивните политики во здравствениот систем.

– За жал, пациентите треба со месеци да чекаат за да добијат резултат што е надвор од скрининг програмата. Можеби може да се детектираат деформации во моментот, а се чека пет-шест месеци за резулата. Во меѓувреме, болеста можеби поминува од едно во друго ниво. Ќе вложиме напори за да може технички и инфраструктурно да се подобри Мој термин, односно времето за чекање  резултат. Работиме паралелно и да се намали листата на термини за преглед. Наскоро на прес-конференција ќе ја соопштиме новата методологија, која е при крај и новиот начин на креирање термини за преглед на пациенти – додаде Алиу.

Директорот на Клиниката за инфективни болести, Фадил Цана, рече дека Светскиот ден за борба против хепатитис не е само ден за подигнување на свеста, туку и ден за јавен повик. Директорката на Клиниката за гастроентерохепатологија, Мери Трајковска, истакна дека станува збор за многу важна иницијатива за откривање на хепатитисот кој се смета за тивок убиец. Таа посочи дека околу 40.000 пациенти се заразени со хепатит.

– Тоа што е последица на хроничниот хепатит е развој на цироза на црниот дроб која пациентите не ја чувствуваат и на крај доаѓа развојот на хепатоцелуларниот карцином. Годинава, благодарение на Министерството за здравство почнавме скрининг програма за рано откривање на хепатоцелуларниот карцином која вклучува прво откривање на пациенти со хепатит Б и Ц, а потоа и нивно редовно скринирање за да го спречиме развојот на цирозата, на хроничната болест и на хепатоцелуларниот карцином. Во денешно време има терапија и за хепатит Б и Ц и битно е да се направи скрининг на загрозената популација, на луѓето кои работат, на здравствените работници, на корисниците на дрога, сексуалните работнички и на затворениците – додаде д-р Трајковска.

Претседателот на здружението Хепар Центар Битола, Милан Мишковиќ истакна дека голем број од пациентите ако не се третираат навреме добиваат карцином на црниот дроб. Кампањата стартува денеска, на Светскиот ден за борба против хепатитисот, со поставување на мобилна единица на плоштад „Македонија“ во Скопје, каде од 10 до 13 часот граѓаните можат да се тестираат бесплатно и анонимно.

Целта на кампањата е да се подигне свесноста за сериозноста на болестите на црниот дроб, како што се хепатитисот, црнодробниот карцином, замастувањето на црниот дроб (алкохолно и неалкохолно), цирозата, како и ретките црнодробни болести.

Организаторите упатуваат апел до граѓаните да ја искористат оваа можност за рана детекција и заштита на сопственото здравје.

 

ИЗДВОЕНИ