Советничката група на Левица во Советот на Град Скопје поднесе амандмани за измена на Програмата за повластен паркинг за лицата со попреченост.
Оваа Програма опфаќа одредени категории лица со попреченост, но лицата со аутистичен спектар и со Даунов синдром не се опфатени, велат од партијата Левица.
– Четири години од оваа говорница се бориме за измена на оваа Програма. Секогаш се наоѓаше некаков изговор да не се направи тоа. На лицата со попреченост им е доста од изговори. Родителите на деца со аутизам и со Даунов синдром и онака имаат големи финансиски издатоци за лекување на своите деца, кои Фондот за здравство не ги рефундира. Плаќаат приватно дефектолози и сл., така што плаќањето за паркинг-простор им е дополнителен товар, бидејќи некои од нив ја користат оваа услуга секојдневно – истакна во своето излагање Катерина Јовановск, координатор на советничката група на Левица.
Иако првично не беа прифатени амандманите од страна на Градот, по аргументираното излагање на Јовановска, Советот едногласно изгласа заклучок: да биде изменета Програмата и лицата со аутистичен спектар и со Даунов синдром да добијат повластен паркинг.
Истото ќе важи и за лицата со попреченост што не живеат во Скопје, а доаѓаат во него за лекување.












