На 29 септември, во Центарот за култура во Гостивар, ќе биде претставена изложбата на младата гостиварка Стефани Стојаноска-Наумческа-Туксар, насловена „Бесконечна надеж“. Таа привлекува внимание со своите дела сликани со кафе и со вино, а на изложбата ќе може да се видат и апстрактни дела, кои изразуваат љубов, надеж и живот со своите колоритни бои, како и портрети на девојки, кои ги изразуваат убавината и самодовербата на жената. Kако што кажа во разговорот за весникот ВЕЧЕР, во иднина планира да слика и со топол карамелизиран шербет

 

Стефани Стојаноска-Наумческа-Туксар, млада гостиварка за која уметноста не е само хоби туку и неизмерна љубов на која ѝ е посветена со целото свое срце, ќе ја има својата прва самостојна изложба на 29 септември (во 19:00 ч.), во Центарот за култура во Гостивар, насловена „Бесконечна надеж“. Публиката ќе има можност да се запознае со нејзините дела, кои го привлекуваа вниманието на љубителите на уметноста изминатите години, не само во државата туку и пошироко. Она што особено ја прави нејзината уметност атрактивна, покрај апстрактите дела, сликањето на стакло, дрво и на камен, е и цртањето со кафе и со вино, техники што се реткост и што побудуваат голем интерес во јавноста. Затоа и го започнавме нашиот разговор за весникот ВЕЧЕР, токму за овие нестандардни техники на сликање.

– За мене, уметноста претставува огромна љубов. Таа ме опушта и уживам во неа. Искрено, сликањето е талент што не се учи, или го имаш или го немаш. А кога сме кај уметноста со кафе и со вино, кај нас ретко може да се сретне тоа. Се работи за несекојдневни техники, кои ги сретнав на Интернет и сакав да пробам да сликам и на тој начин. На почеток беше потешко, додека ги проучив добро техниките. На пример, кафето како кафе не е секое исто, но кое и да е, бара тонирање од најтемна до најсветла нијанса, распоредено во неколку шолји. Искрено, ја обожавам оваа техника. Виното, исто така, бара тонирање, но не колку и кафето, бидејќи јачината на виното не е иста со онаа на кафето. Во виното може да се додаде и боја за да не биде премногу светло. Има уште една интересна техника со топол карамелизиран шербет и познавајќи се себеси, мислам дека ќе биде испробана и таа во скоро време.

А, на нејзината изложба, како што вели самата, ќе бидат претставени апстрактни дела, кои изразуваат надеж и живот заедно со своите колоритни бои, и портрети на девојки, кои ги изразуваат убавината и самодовербата на жената, како и дела од кафе, кои зборуваат самите за себе и изразуваат бура од емоции и љубов. Иако посочува дека има најголем интерес за апстрактните дела што ги слика, сепак, голем е интересот и за сликите насликани со кафе.

Интересно е што црта и карикатури… буквално ги користи сите техники.

Таа слика во своето ателје во станот каде што живее, но додава и дека црта на отворено, секогаш кога ќе добие инспирација. А, поддршка за оваа своја љубов кон уметноста, која започна пред седум години како хоби и прерасна во нешто многу поголемо, има од целото свое семејство, особено од сопругот, но и од пријателите.

Ја прашавме и за насловот на изложбата, зошто токму „Бесконечна надеж“.

– Без надеж, нема ништо. Човек се надева сè додека е жив. Исто така, и делата што ќе бидат изложени ќе претставуваат надеж, емоции и љубов. Ова е резултат на седумгодишна напорна работа и на созревање во уметноста. Често знам да кажам дека доколку човек многу сака нешто и се труди, еден ден тоа ќе вроди со плод.

Талентот се надградува и расте. Подготовката на изложба бара временски период и затоа на изложбата ќе се најде и по некое дело од неколкугодишниот труд, заедно со најновите слики – вели Стојаноска-Наумческа.

Всушност, како што ни кажа и самата, инспирирана е од секојдневниот живот, од сè што нè опкружува, а несекојдневни идеи, признава, доаѓаат и од Интернет.

– За уметникот, инспирација е сè околу него, уметноста ја пронаоѓа буквално насекаде – вели авторката на делата, кои го привлекоа и нашето внимание.

А, за уметноста се заинтересирала уште како шестгодишно девојче.

– Секогаш знаев да нацртам нешто, било во тетратка било во блокче. Некако ме исполнуваше тоа, а интензивно веќе творам седум години. Додека сликам, преку делата сакам да ги пренесам убавината, емоциите, љубовта, надежта… Моите дела се полни со колорит, кој потсетува на живост. Уметноста е љубов, па така и самата ја имам претставено во моите дела – вели во разговорот Стојаноска-Наумческа, која често учествува на ликовни колонии во својот град, Гостивар, и е член на ликовното здружение „Драудакум“.

– Уметниците се прекрасни луѓе со големо срце. Моите планови за во иднина се да продолжам да творам и моите дела да бидат претставени не само во другите градови во државата туку и надвор од неа. Но, сепак, секогаш посакував мојата прва изложба да биде претставена во мојот град, Гостивар. Продолжуваме понатаму со нови дела и со нови успеси – вели Стефани, која во иднина, сигурно, ќе нè изненади со слики изработени во некоја нова техника.

Изложбата е поддржана и од Министерството за култура. (Д.Т.)

 

ИЗДВОЕНИ