Олимписката шампионка во бокс, Иман Калиф (26), откри како изгледа сега, откако јавно проговори за тешката фаза во својата кариера, низ која минува. Калиф беше во центарот на контроверзиите на минатогодишните Олимписки игри во Париз, кога беше обвинета дека го променила полот и дека го освоила златниот медал поради тоа. Оттогаш не се врати во рингот.
Алжирката неодамна позираше со ТВ-водителката Насима Џафар Беј, а фотографијата објавена на „Инстаграм“ ја покажува со шминка и со пуштена коса. Џафар Беј кратко напиша под фотографијата: „Секогаш е задоволство“.
Минатата недела, во објава на „Инстаграм“, споделена на првата годишнина од освојувањето на олимпиското злато, Калиф призна дека поминува низ тежок период.
– Беше незаборавен момент, момент кога се измешаа моите солзи со страхопочит и со гордост, момент кога се вееше знамето на мојата земја високо, а јас ја држев главата исправено со силата на боксер и со срце на маж. Денес, на годишнината од тој триумф, минувам низ тешка фаза исполнета со предизвици, тишина и со чекање. Но, и покрај сè, духот што се бореше за злато сè уште чука во мене. Сè уште верувам дека секој пад претходи на посилен подем и дека секое одложување носи тест на верата и на волјата.
Вистинската сила не лежи само во победата туку и во упорноста, и покрај сè. Јас сум Имане Калиф, шампион вчера, отпорен денес и решен да се вратам утре. Ви благодарам на сите што сè уште верувате во мене. Ви благодарам што никогаш не се откажавте – напиша Калиф.
Калиф и Лин Ју Тинг од Тајван се најдоа во центарот на контроверзиите откако Меѓународната боксерска асоцијација (IBA) ги дисквалификуваше од Светското првенство во 2023 година, бидејќи ДНК-тестовите покажаа дека имаат XY- хромозоми и вишок тестостерон. И покрај ова, на двете им беше дозволено да се натпреваруваат на Олимписките игри во Париз во 2024 година, кога освоија златни медали, предизвикувајќи остри критики од јавноста.
Во јуни, беше објавен наводен медицински тест од 2023 година во кој се тврдеше дека боксерката има машки кариотип (пар XY-хромозоми), што предизвика повици за одземање на олимпискиот медал.