Легендарниот германски тенисер Борис Бекер (58), како и поранешен тренер на српскиот ас Новак Ѓоковиќ, во својата книга ги опиша деновите поминати во затвор. Бекер пред некое време мина осум месеци во затворска ќелија во Велика Британија, поради затајување данок. Некои детали се многу возбудливи, некои се застрашувачки и живописно го прикажуваат она што некогаш најмладиот шампион на Вимблдон (1985) го доживеал зад решетки.
Бекер криел средства во вредност од неколку милиони евра, вклучувајќи два трофеи од Вимблдон. Сето ова го правел само за да избегне плаќање даноци, што го оправдува со прифаќање на лоши совети од адвокат.
Во својата книга „Внатре: Победа. Губење. Одново започнување“, тој пред сè призна дека затворот е сосема поинаков свет.
Уште од првите денови, наидувал на тешкотии и не можел да ги слуша вресоците на другите затвореници. Како поранешен тенисер, се обидувал да го разбере животот во затвор како тениски натпревар, но брзо сфатил дека тоа не е добар принцип. До ова сознание дошол кога сретнал мускулест затвореник со прекар „Бебе Халк“, кој брутално претепал педофил во затворскиот ходник.
- Таа бесконечност ти ја јаде душата и ти се вдлабнува во умот. Брзо сфаќаш дека затворот всушност го водат затворениците. Разговорот со сопругата по телефон беше мојот единствен спас – единствените моменти кога можев да бидам свој. До октомври, спиев во тренерка и чорапи. Некои ноќи беше толку ладно во ќелијата што спиев во две јакни и два пара чорапи, со пешкир завиткан околу главата. Ослабев седум килограми во првите четири недели. Имаше неколку причини за ова: емоционален стрес, малку храна, без алкохол, без слатки. Вечерата се сервираше во четири часот попладне. Мојата сопруга, со темно чувство за хумор, рече: „Борис, ослабе толку многу што можеби треба да прашаме дали можеме да те задржиме малку подолго?, изјави Германецот за „Цајтунг“.
Дури успеал да се задолжи во затворот и наскоро се најде во неволја. Еден ден ѕирнал во ќелија каде што група Романци играле покер. На почетокот само гледал, потоа им се придружил и почнал да се обложува. Започнал со една фунта, потоа десет, и на крај 50 фунти.
- По играње покер со романски затвореници што траеше неколку дена, останав со долг од 500 фунти. Секако, беше глупаво и неодговорно од мене да играм покер со такви луѓе, но сакав да бидам искрен во мојата книга – инаку нема смисла да го пишувам тоа. По тенисот, професионално играв покер некое време, па си помислив: што може да ми се случи? Само малку е забавно од страна. Но, играв покер со вистински криминалци, кои доаѓаа во мојата ќелија и се обидуваа да ме удираат ако не го платам долгот. Ако пријател надвор од затворот не го решеше проблемот со банкарски трансфер, денес ќе бев сосема поинаква личност, додава Бекер.
Кога се спремал да ја напушти ќелијата, еден затвореник му рекол: „Ни должиш 500 фунти (околу 577 евра)“. Бекер бил шокиран, бидејќи тоа било огромна сума пари во затвор. Тој добивал неделен надомест од околу 15 фунти (околу 17 евра), а максималниот износ што можел да го заработи бил 50 фунти (околу 57 евра).
Наскоро, Романците почнале да го посетуваат и да му бараат пари. Еден затвореник го предупредил: „Борис, тој човек е опасен. Ако не платиш, ќе видиш што значи тоа. Навистина е луд“. Бекер успеал да најде решение, па му се јавил на пријател да му донесе пари за да го плати долгот.
Иако помина три години откако излезе од затвор, искуството што го пминал таму засекогаш ќе остане во неговите сеќавања.
- Никогаш целосно не се ослободуваш од тоа време. Затворот го носиш со себе во твојот нов живот. Можам да заспијам само ако вратата од спалната соба е целосно затворена. Лежам толку блиску до работ на креветот што речиси паѓам, вели Бекер во книгата.
Всушност, неговата слава во затворот не му значела многу – воопшто ништо, бидејќи се однесувале кон него како кон секој друг затвореник. Никој не го викал по име, бил само бројка и никому не му било гајле што направил претходно или какви успеси имал како тенисер.
Пресвртницата се случила кога еден затвореник му рекол: „Јас ја водам теретаната тука и знам кој си. Еден ден ќе работиш со мене“. И навистина, не долго потоа, тој го доби едно од најбараните работни места во затворот, што му донесе задоволство и нов статус. Теретаната била место на слобода за него, каде што затворениците конечно го запознале и го прифатиле. Дознале дека некогаш бил врвен тенисер, па дури и дека го тренирал Новак Ѓоковиќ.