Во израелски воздушен напад врз медиумски шатор пред болницата Ал-Шифа во Газа во неделата навечер загинаа пет новинари, вклучувајќи го и долгогодишниот дописник на Ал Џезира, Анас ал-Шариф. Нивната смрт предизвика силна осуда и протести низ целиот свет, а стотици луѓе вчера маршираа низ улиците на Газа до гробиштата Шеик Радван.
Според Ал Џезира, во истиот напад загинаа и дописникот Мохамед Крејкех и снимателите Ибрахим Захер, Мохамед Нуфал и Моамен Алива. Групата новинари била во импровизирана зона за известување во времето на нападот.
„Слушнав силен тресок и видов пламен. Луѓето гореа, се обидов да помогнам, но беше предоцна – сите починаа на лице место,“ вели палестинскиот репортер Вади Абу ал-Сауд кој бил сведок на моментот на експлозијата.
Меѓународни реакции
Израелската војска призна дека го извршила нападот, велејќи дека Ал-Шариф бил поврзан со Хамас. Тврдењата, кои новинарот и Ал Џезира претходно ги отфрлија, се сметаат за неосновани од организациите за заштита на медиумите. Комитетот за заштита на новинарите (CPJ) и Репортери без граници предупредија дека ова е сериозно кршење на меѓународното хуманитарно право, објавува The Guardian.
Портпаролот на лидерот на британските лабуристи, Кир Стармер, изрази „длабока загриженост за зголемениот број напади врз новинари во Газа“, додека Канцеларијата за човекови права на ОН повика на независна истрага.
„Нема да ја напуштам Газа освен кон небото“
Ал Џезира го опиша убиството како „обид за потиснување на вистината“, а колегите се сеќаваат дека ал-Шариф продолжил да известува и покрај заканите и кампањата за дискредитација. Неколку дена пред неговата смрт, тој му рекол на еден пријател дека знаел дека е на списокот за смрт, но дека нема да престане да снима што се случува со неговиот народ.
Во порака што ја напишал претходно оваа година, а која била објавена по неговата смрт, тој нагласил дека „никогаш не ја искривил вистината“ и дека „Алах ќе сведочи против оние што молчат додека невините се убиваат“.
Рекорден број жртви меѓу новинарите
Откако започна војната на 7 октомври 2023 година, на меѓународните новинари им е забранет влез во Газа. Според локалните власти, убиени се 238 новинари, додека CPJ потврдува 186 случаи. Истражувањето на Универзитетот Браун покажува дека бројот на убиени новинари во Газа е поголем отколку во двете светски војни, Виетнам, војните во поранешна Југославија и Авганистан заедно.