Бес и осуда: Израелски рабин повикува на изгладнување до смрт на децата во Газа/ВИДЕО

97

Познатиот израелски рабин Ронен Шаулов предизвика меѓународен бес откако отворено повика на целосно изгладување на населението во Газа, вклучително и на децата, во јавен говор кон крајот на јули. Говорот, кој беше емитуван на телевизија и на социјалните медиуми, стана вирален и предизвика широка осуда, пренесе Кликс.

„Цела Газа и секое дете во Газа треба да умре од глад поради она што им го прават на заложниците сега. Немам милост кон оние што ќе пораснат за неколку години и ќе немаат милост кон нас“, рече Шаулов пред бројната публика на 28 јули.

Во истиот говор, Шаулов додаде дека само „предавниците“ и „оние што го мразат Израел“ имаат сочувство за децата во Газа, нагласувајќи: „Се надевам дека ќе умрат од глад. А оние што имаат проблем со она што го кажав – тоа е нивен проблем.“

Рабинот, со геноциден тон, направи паралела и со библиската приказна за луѓето од Амалик, нагласувајќи дека „Израел направил грешка оставајќи трага“ и дека овој пат „не смее да се остави никаква трага“.

Неговите изјави доаѓаат во време кога Обединетите нации и бројни хуманитарни организации предупредуваат дека во Појасот Газа се одвива хуманитарна катастрофа од невидени размери. Повеќе од 2,1 милиони луѓе во густо населената област се соочуваат со сериозна несигурност во снабдување со храна.

Според Министерството за здравство на Газа, околу 900.000 деца моментално страдаат од глад, додека 70.000 деца покажуваат симптоми на тешка неухранетост. Во исто време, речиси 1.000 деца се убиени обидувајќи се да дојдат до основни потреби, најчесто за време на израелските воени напади.

Израелската офанзива, проследена со целосна блокада на хуманитарната помош, доведе до ситуација што експертите ја опишуваат како „вештачки предизвикан глад“. ОН ја нарече оваа блокада нелегална и смртоносна, додека многу аналитичари и адвокати веруваат дека ваквите изјави и дејствија би можеле да се сметаат за елементи на геноцид.

Израелските власти се уште не го коментираа говорот на рабинот Ронен Шаулов, ниту пак објавија какви било мерки во врска со неговиот говор.

ИЗДВОЕНИ