Берово со новогодишна забава за сите, улични перформанси, жонглери, детска и зимска гастрозона…

24

Општина Берово, и оваа година, останува верна на традицијата и подготвува богата, разновидна и семејна новогодишна програма со која ќе се одбележи дочекот на Новата 2026 година.

Од Општината информираат дека граѓаните и посетителите ќе имаат можност да уживаат во повеќедневни културно-забавни настани исполнети со музика, фолклор, улична уметност и вистинска празнична магија.

Програмата започнува во понеделник, со традиционалниот новогодишен концерт на КУД „Димитар Беровски“, кој ќе се одржи во ОСУ „Ацо Русковски“ во Берово, со почеток во 18:00 часот. Настанот ќе понуди богата фолклорна програма и ќе внесе празнична атмосфера со автентични македонски традиции.

На 27 декември, Берово ќе биде дел од „Грин-Џ – Winter Street Festival Caravan“, кој ќе се одржи на плоштадот „Димитар Беровски“. Посетителите ќе можат да уживаат во улични перформанси, жонглери, детска зона „Грин-Џ Kids Corner“, како и зимска гастрозона, нудејќи забава за целото семејство.

Новогодишното расположение продолжува и по 1 јануари. На 2 јануари 2026 година, со почеток во 12:00 часот, на плоштадот ќе настапи Кристијан Бенито, а најмладите ќе ги израдува пристигнувањето на Дедо Мраз, проследено со забава со DJ BONO и DJ TAMMY.

Празничната програма ќе се заокружи на 7 јануари, кога на плоштадот „Димитар Беровски“ ќе настапат Ана и Пријателите, нудејќи музика, радост и топла атмосфера за сите генерации.

Градоначалникот на Општина Берово, Петар Ружински, ги повикува сите граѓани на Република Македонија, како и оние што живеат во Берово и околните градови, да бидат дел од новогодишната програма и заедно, во одлично расположение, да ја дочекаат Новата 2026 година.

Берово и оваа зима ќе биде место каде што празничната радост, музиката и дружењето се спојуваат во незаборавни новогодишни спомени.

ИЗДВОЕНИ