Со положување свежо цвеќе на споменикот на паднатите борци од НОВ, во близина на ОЈУДГ „23 Август“ во Берово, денеска започнаа активностите по повод одбележувањето на 23 Август – Денот на ослободувањето на градот.
Делегации од политичкиот и јавниот живот положија цвеќе и се поклонија пред спомен-плочата, изразувајќи висока почит кон хероите и борците кои ја извојуваа слободата.
Одбележувањето продолжи со традиционалната свечена седница на Советот на општина Берово, со која претседаваше претседателот Петар Ружински.
На седницата, градоначалникот Звонко Пекевски се обрати пред присутните, упатувајќи благодарност до жителите на општината за довербата, поддршката и заедничкиот дух.
Во рамки на седницата беше прикажана видео-презентација со реализирани проекти од изминатата година, а беа доделени благодарници и плакети на поединци кои придонесуваат кон развојот на општината, како и награди и пофалници за учениците прогласени за „Ученик на генерација“ од основните и средното училиште во Берово.
Во чест на празникот, присутните уживаа во музички настап на канон со малешевски мотиви, во изведба на Тимко Чичаковски и вокалната солистка Ленче Димовска.
Свечената седница беше збогатена и со доделување постхумно признание на Љупчо Дучевски, за особен придонес во зачувување на културата и традицијата на Малешевијата. Во негова чест беше премиерно изведена и изворната песна „Да ти купам мека махмудија“, во нов аранжман на Ангела Здравковска и Диран Тавитјан, како дел од проект за оживување на малешевската изворна музика.
Со културна програма, признанија и заедничка почит, жителите на Берово го одбележаа празникот на својот град.