Пред македонската кошаркарска репрезентација се нови два натпревари од претквалификациите за пласман на Евробаскетот во 2029 година, каде што нашите сениори ќе се соочат со Луксембург (27 февруари) на домашен терен и против Азербејџан на 2 март во Баку.
Македонија, во овој февруарски ФИБА прозорец влегува со нов селектор – Шпанецот Хозеп Мариа Берокал, кој беше промовиран од страна на Федерацијата, а ќе има задача да го одржи победничкиот ритам на селекцијата, која има 100 % ефект во овие претквалификации (две победи на два натпревара).
Берокал кажа дека е привилегија да се биде селектор на Македонија, а потоа ги откри своите планови за иднината на македонската кошарка.
- Среќен сум што сум тука, привилегија е да се биде селектор на Македонија. Знаеме дека е краток период за да се подготвиме за овој прозорец. Во овие два тренинзи видов дека има голема желба за напредок. Треба да размислуваме на подолги патеки. Треба да го унапредуваме тимот и важно е кои млади кошаркари ќе дојдат да го надополнат составот. Што се однесува до македонската кошарка, поврзан сум со неа преку Владо Илиевски, му бев тренер пред 23 години. Некои од играчите во репрезентацијата ги познавам, му бев тренер на Војдан Стојановски во Украина, некои ги знам од Шпанија. Среќен сум, знам дека на почетокот нема да биде лесно, ќе биде долг процес, но ќе се обидеме да направиме максимум од овие играчи. Кое ќе биде нивото што ќе го достигнеме, не знам, но верувам во сите. На кошаркарите им реков дека треба да се натпреваруваат сами со себе, да бидат подобри, да имаат шампионски менталитет. Мојот менталитет е таков, да даваме максимум на секој тренинг, на секој натпревар, да не гледаме премногу далеку во иднината, да се фокусираме на она што ни претстои, истакна Берокал на својата прва прес-конференција пред медиумите.
Инаку, помошник на селекторот Берокал ќе му биде Ѓорѓи Кочов. Тој е свесен дека за сè е потребно време, но посочи дека секој тренер во нашата земја мора да го даде својот максимум за да се создадат најдобри можни услови за кошаркарите.
- Чест ми е и задоволство што сум пак во стручниот штаб на Македонија. За сè треба време, ама има само еден начин да станеш подобар, а тоа е да тренираш. Ја прифатив понудата од федерацијата затоа што мислам и сметам дека тоа што сум го стекнал надвор како искуство, треба да го им пренесам на нашите домашни играчи. Да им помогнам на некои тренери што немаат можност да видат надвор како се работи и тренира и мислам дека со промена на тренингот и пристапот, сите заедно може да направиме нешто и да промениме. Знаеме во каква ситуација е клупската кошарка во моментов, а репрезентативната е одлика на клупската. За нашата мала земја Македонија, мора ние, тренерите, да се потрудиме да бидеме на највисоко ниво што можеме, да дадеме најдобри можни услови за играчите, за да очекуваме некаков напредок. Ако не успееме да го направиме тоа, не може да очекуваме резултат. По природа сум оптимист, но зборувам објективно. Во последните пет години доволно ја следам македонската кошарка, кажа Кочов.











