По победата над Луксембург со 79:70 во „Градски парк“, македонската кошаркарска репрезентација ги продолжува претквалификациските обврски за пласман на Евробаскетот во 2029 година, со дуел против Азербејџан на гости (денеска 17 часот).

Одлично деби на клупата имаше и новиот селектор на Македонија, Шпанецот Жозеп Марија Берокал, кој ја продолжи победничката серија на нашата селекција која сега има биланс од три победи во исто толку натпревари во групата  А.

  • Победата е важна за почетокот на овој проект. Не смееме да заборавиме дека сме заедно само четири дена, што не е лесно и за мене како тренер, и за тимот. Имаше добри работи, како трчањето и одбраната. Но, имавме и падови во играта што не смеат да ни се повторат. Сакам да играме добра одбрана, не е лесно да се игра 40 минути на тоа ниво, но тоа е нашата цел. Задоволен сум од пристапот на играчите бидејќи, главно, го исполнија она што го побарав од нив. Треба само да го зголемиме бројот на добри минути во играта, да ја движиме подобро топката и да играме како тим, а не индивидуално, посочи новиот селектор по успешното деби на клупата на нашиот национален тим.

Голем придонес за победата имаше и повратникот во репрезентацијата, Итан Хап. Американецот со македонски пасош реализираше дабл-дабл од 15 поени и 14 скока.

  • Игравме силно, тренерот направи одлична работа со подготовките цела недела, асистентите исто така, но најважно е што ние ги исполнивме целите. Секој поен е важен, но најважно е што победивме. Луксембург е добар тим, а ние имаме нов селектор и сè уште се обидуваме да се вклопиме на неговата филозофија, а имавме само четири заеднички денови за подготовките. Имавме големи падови, а за да се победат поголеми репрезентации, мора да играме на исто ниво 40 минути. Овој тим има голем талент, Андреј Јакимовски не беше тука минатиот пат кога играв, неговото присуство е од големо значење и навистина е значаен дел од овој тим, додаде Хап.

 

ИЗДВОЕНИ