Во обид да се деблокира македонскиот евроинтегративен пат од историско-идентитетските прашања наметнати од Бугарија, Германија се појавува со нов, дипломатски сензитивен предлог, кој би можел да биде преседан и за другите земји кандидати. Идејата деликатните билатерални теми да бидат предмет на независна арбитража, а не блокада во преговорите со ЕУ, наиде на различни реакции во јавноста. Додека официјално Скопје ја гледа како можност за институционално решавање на долготрајниот спор, неминовно во јавноста се поставува прашањето зошто да се верува во арбитражен механизам кога Бугарија не ги почитува ниту пресудите од меѓународните судови, како Судот на правдата во Хаг и Европскиот суд за човекови права во Стразбур.
Поранешниот амбасадор Љупчо Арсовски, во изјава за весникот ВЕЧЕР, го поздравува германскиот чекор како „зрел и потребен“, нагласувајќи дека прашањата за идентитет не може да бидат критериум за членство во ЕУ.
– Јас би се воздржал од коментари за Бугарија и нејзините изјави, постапки што се познати и во други механизми на ЕУ кога се работи за човековите права, за правата на малцинствата, поединците и слично, кога таа не реагирала или несфатливо реагирала во такви случаи, без аргументи – вели поранешниот амбасадор Љупчо Арсовски во изјава за весникот ВЕЧЕР.
Меѓу германската арбитража и бугарското вето
Тој смета дека предлогот, во секој случај, е позитивен поттик за она што го правеше Македонија изминатиот период, многу принципиелно и со аргументи.

– Потегот на Германија во овој момент се чини дека е доста зрел за поздравување, бидејќи се работи за едно прашање што се појавува сега на нашиот пат кон ЕУ, но може да се појавуваат такви идентитетски прашања во иднина и за други земји што се кандидати, што се на патот кон ЕУ. До овој момент, Европската Унија е прилично запознаена со нашите аргументи, идеи, како е непостојно ова прашање и како може да се надмине. Има голем број дипломатски претставништва во Република Македонија што верно и континуирано ги информираат своите министерства за моменталната ситуација околу ваквите прашања и особено во случајот со Бугарија. Освен тоа, во многу од тие земји, овие прашања биле предмет на истражувања на професори, научници од оваа сфера, издадени се книги што зборуваат во наш прилог. Да го споменеме тука „Македонскиот јазол“ на првиот германски амбасаор во земјава, Ханс‑Лотар Штепан, дело во кое тој ги прикажува сложените историски врски, политичките наративи и динамиките што го оформиле „јазолот” на македонскиот идентитет – истакна амбасадорот Арсовски.
Поранешниот македонски дипломат смета дека ова прашање ќе добие на гласност во ЕУ и ќе претставува уште една голема дилема за Бугарија, на кој начин да го реши прашањето што самата го наметна.
– Да не заборавиме дека го наметна прашањето уште првиот ден кога ја призна Република Македонија под уставното име, а не ги призна јазикот и идентитетот. Во повеќе разгледувања на научни центри е расчистена дилемата и е потврдено дека Македонија ги исполнува Копенхашките критериуми. Нови дилеми и наметнување нови правила и барања е недобредојдено за ЕУ, бидејќи Унијата гледа како да го реши Балканот. Влезот на овие земји во ЕУ може да биде само чекор напред и придобивка за ЕУ – да нема отворени прашања и отворени дилеми на Балканот – истакна амбасадорот Арсовски.
Бугарија во комфорна позиција
Од друга страна, аналитичарот Петар Арсовски, пак, укажува на реалполитичката природа на спорот: Бугарија има моќ за вето и нема интерес да ја замени таа моќ со арбитража, каде што би можела да го загуби влијанието. Тој, во изјава за телевизија „Канал 5“, рече дека Софија не би ризикувала да ја загуби комотната позиција на вето, која ја ужива сега и дека треба да се има предвид и моменталната домашна политичка сцена, каде што спорот со Бугарија стана прашање на политички рејтинг.

– Иако формално тој е добар предлог и ќе ги двои билатералните прашања од прашањата на евроатлатските интеграции, веројатноста дека Бугарија ќе се согласи на таков предлог засега останува многу мала. Не гледам причина зошто би се откажала Бугарија од еден процес во кој има целосна контрола преку вето и би го заменила со некој процес во кој нема целосна контрола, како, на пример, некаква меѓународна, независна и обврзувачка арбитража. Во таа смисла, пресекот на можните решенија од страна на Бугарија и од страна на Македонија не укажува на тоа дека можеме ние да најдеме некаков таков предлог. На пример, Македонија сака да ги стави идентитетските прашања ад акта, односно не сака да разговара за нив, а Бугарија, пак, сака да разговара само за тие прашања, само тие прашања ѝ се важни – изјави за „Канал 5“ политичкиот аналитичар Петар Арсовски.
Информацијата за нов германски предлог на повидок, кој ќе ги стави историско- идентитетските прашања помеѓу Македонија и Бугарија надвор од процесот на преговори, ја сподели македонскиот заменик-министер за надворешни работи, Зоран Димитровски. Во интервју за телевизија „Канал 5“, тој рече дека европските центри прават притисок врз Софија да вети дека нема да поставува билатерални условувања и дека веќе се бара механизам за да се спроведе тоа. Димитровски рече дека Берлин ја презел обврската да се разговара за предлогот во Европската комисија и во Европскиот совет, а едно од решенијата би било ако во текот на преговорите се отвори историско или идентитетско прашање, преку арбитража да се одлучува дали е тоа дел од Копенхашките критериуми.

– Дека, доколку во текот на преговорите фактички се постави билатерално прашање, посебно прашање од овој тип со историско- идентитетски карактер, но и воопшто прашања што не го засегаат процесот на евроинтеграции, што не ја засегаат суштината на Копенхашките критериуми и сето она што треба да го исполни една земја кандидат за да стане членка на ЕУ, во тој случај да има можност да се упатат двете страни на арбитражен суд или арбитражно тело, арбитражното тело да одлучи дали е тоа прашање дел од Копенхашките критериуми или не . Но, бидејќи добиваат сигнали од бугарска страна, Македонија нека ги усвои уставните измени, па понатаму ќе тече процесот. Еве шанса, во тој контекст, Бугарија да се изјасни во прилог на таков механизам билатералните прашања да не бидат пречка за евроинтеграција – изјави Димитровски.
Дипломатските напори на Германија доаѓаат во еден чувствителен, но, можеби, и пресуден момент. По период на отворени тензии, моменталната фаза се чини како дипломатска пауза – затишје што некои го читаат како подготовка за конечно решение, а други како молк пред нова бура. На внатрешен план, уште е во тек оцената на Уставниот суд на Македонија околу уставноста на т.н. втор протокол, клучен чекор за започнување на уставните измени штосе бараат во рамките на преговарачката рамка со ЕУ. Судбината на овие процеси ќе покаже дали успеала Германија да наметне нова европска логика во надминувањето на билатералните спорови или, пак, повторно ќе им се вратиме на старите модели на блокади и условување. (В.С.Н.)