Берлин и Париз му порачаа на Вучиќ дека нема да признаат украдени избори, а тој слатко си јаде сардина

288

Српскиот претседател Александар Вучиќ добил порака од Франција и Германија дека резултатите од следните избори нема да бидат признаени доколку има изборни нерегуларности или кражба на гласови, пишува „Нова“. Според телевизијата, предупредувањата му биле  пренесени преку политичари блиски до германскиот канцелар Фридрих Мерц и луѓе поврзани со францускиот претседател Емануел Макрон, што дополнително го намалува просторот за манипулации на предвремените избори што го бараат студентите.

Од повеќе извори е кажано дека Европа нема да ги признае изборите доколку бидат украдени, без разлика на одредени интереси кои постојат. Исто така, можно е Европската народна партија (ЕПП) да се огради од Српската напредна странка (СНС) на Вучиќ, иако меѓу европските граѓани постои непишано правило дека не ги исфрлаат владејачките партии од членство, вели извор близок до дипломатијата.

На европско ниво, Брисел се повеќе се соочува со избор помеѓу декларираните вредности на Европската Унија и интересите поврзани со експлоатација на литиум во Србија и француските воени договори како што е набавката на борбени авиони Рафал. Истовремено, во Србија се поставува прашањето дали во сегашните изборни услови можат да победат студентските листи.

-Веројатно ќе следи сценариото од 1996 година и треба да се направат напори за обединување на сите противници на власта. Тоа веќе можевме да го видиме во Косјериќ и Зајечар, вели за Нова Душан Спасојевиќ од Факултетот за политички науки.

Тој наведува дека истражувањето на „Црта“ покажало дека има незадоволство и дека процентите се блиску.

-Не знам дали победата на студентите е сигурна или веројатна, но дефинитивно е можна. Рејтингот на СНС опаѓа и не може да се врати во периодот од пред 1 ноември, вели соговорникот на Нова и додава дека најголем ризик за опозицијата е ако не успее да се подготви за избори, па некои да излезат, некои не.

И додека Европа срамежливо испраќа предупредувања, а српската опозиција и студентите во блокада се позиционираат за избори, Вучиќ слатко си јаде пред камера и не пропушта да испрати порака до граѓаните. Овој пат во чинијата го нема паризерот, ниту црешите што ги јадеше со виљушка, туку сардина од индонезиско потекло и тоа без кромид. Сардината, вели, му била потребна за да добие енергија, а кромидот го избегнал зашто дента имал многу состаноци.

-Драги пријатели, кога бев мал, татко ми постојано ми велеше да јадеме јаболка и сардини, од за мене непознати причини, веројатно затоа што беше здраво и за да бидам посилен, затоа што бев искривен како прашалник и тенок како гранка – како што ќе рече мојата покојна баба, им се обраќа тој на граѓаните во видеото објавено на „Инстаграм“.

Исто така, ги повикува граѓаните заедно да ја направат Србија поубава и да обезбедат поубав живот во неа, порачувајќи дека му се вратила некоја чудна енергија, иако  во изминатите недели се грижел дека нема да ја има.

-Заедно можеме сè, а овие сардини ќе ме зајакнат уште повеќе. Ви благодарам што ја поддржувате и Србија и мене во тешки времиња, никогаш нема да го заборавам тоа. Сега е до мене и до сите нас да ви го вратиме тоа со голема работа и труд. Ве повикувам да го направиме тоа заедно, бидејќи никој не може да ја победи Србија, изјави Вучиќ во видеото.

ИЗДВОЕНИ