Германската влада денес изјави дека е подготвена да преземе дополнителни чекори за „вршење притисок“ врз Израел во врска со хуманитарната ситуација во Газа.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц беше многу јасен во телефонскиот разговор со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху кога рече дека федералната влада е подготвена да го зголеми притисокот со цел да се постигне напредок, го цитираше Ројтерс портпаролот на германската влада, кој додаде дека „во принцип постои подготвеност да се преземат понатамошни чекори“ на состанокот на германскиот Федерален совет за безбедност, закажан за денес попладне.
Ројтерс објави дека не се познати детали за тоа какви би можеле да бидат овие дополнителни чекори. Мерц вчера разговараше по телефон со Нетанјаху и го повика итно да обезбеди помош за гладното цивилно население во Појасот Газа. Како што е наведено во соопштението од германската влада, Мерц изјави дека е длабоко загрижен за катастрофалната хуманитарна ситуација.