Во првите 10 месеци од оваа година продолжува трендот на намалување на бројот на лица кои бараат азил во Германија, со поднесени 97.277 барања во споредба со 199.947 во истиот период минатата година, покажуваат податоците на германското Министерство за внатрешни работи, јави ДПА.
„Функционира нашиот нов пристап во миграцискиот процес. Значително го намаливме факторот на привлекување и магнетниот ефект“, изјави министерот за внатрешни работи Александар Добринт за таблоидот „Билд“.
Портпаролот на министерството посочи дека во овој период се зголемени гранични проверки и дека на околу 18.600 лица им е одбиен влез или се вратени на германските граници од мај, потсети германската агенција.
По преземањето на функцијата во мај, Добринт даде инструкции дека барателите на азил треба да бидат одбиени на границата.
Мерките преземени од балканските земји, исто така, можеа да играат улога во намалените бројки.
Дополнителен фактор е променетата ситуација во Сирија, претходно извор на многу баратели на азил, каде што режимот на Башар ал-Асад беше соборен во декември, смета министерот, пренесен од ДПА.












