сабота, јули 18, 2026
Дома СВЕТ Берлин бара од Зеленски да ја преиспита одлуката за разрешување на Федоров

Берлин бара од Зеленски да ја преиспита одлуката за разрешување на Федоров

30
Фото: EPA/OLIVIER MATTHYS

Одлуката на украинскиот претседател Володимир Зеленски да го разреши министерот за одбрана Михајло Федоров предизвика реакција во Германија, каде што од федералната влада сега се бара да изврши притисок врз Киев за враќање на поранешниот министер.

Претседателот на Комитетот за европски прашања на Бундестагот и пратеник на Зелените, Антон Хофрајтер, рече дека Зеленски направил „сериозна грешка“ и дека неговата кадровска одлука е резултат на жестока борба за власт во рамките на украинската држава и военото раководство.

„Ова е жестока борба за власт во Украина. Зеленски се предаде на старите, корумпирани мрежи во рамките на украинската војска“, изјави Хофрајтер за германската медиумска мрежа RND. Тој нагласи дека Федоров бил многу успешен министер и се сметал за неподмитлив политичар во Киев и меѓу западните партнери.

Хофрајтер ја повика германската влада да го искористи своето политичко влијание и да побара од Зеленски да ја преиспита одлуката.

„Федералната влада треба да изврши притисок врз Федоров да биде вратен на функцијата. Зеленски направи сериозна грешка“, рече германскиот пратеник.

Германскиот министер за одбрана Борис Писториус не го криеше своето незадоволство, испраќајќи му писмо на Федоров со благодарност за, како што наведе, исклучителната и доверлива соработка во текот на изминатите месеци. Писториус оцени дека неодамнешните воени успеси на Украина, особено употребата на беспилотни единици на фронтот, носат јасен белег на разрешениот министер и неговата подготвеност да воведе нови технологии во армијата.

Тој изрази жалење што Федоров нема да ја продолжи работата што ја започнал и надеж дека ќе остане политички активен. Германските медиуми оценија дека таквата отворена порака од министер за одбрана е невообичаена и претставува индиректна, но недвосмислена критика на одлуката на украинскиот претседател.

Федоров беше назначен за министер за одбрана во јануари оваа година, откако помина години водејќи ја дигиталната трансформација на Украина. За само шест месеци на чело, тој се обиде да ја забрза модернизацијата на вооружените сили, да ја прошири употребата на беспилотни летала и дигитални системи и да го промени начинот на кој се планираат воените операции.

ИЗДВОЕНИ