Берачите годинава бараат 2.700 денари, дневниците се повисоки, а работници сè помалку

Овоштарите од Преспа и годинава спасот го гледаат во албанските берачи, кои со години се тука и си ја знаат работата. Дневниците се зголемени и изнесуваат од 2.500 до 2.700 денари, со храна и сместување. Производителите не може сами да го наберат родот, а во државата не може да најдат работници за берба. Нашите не сакаат да работат за овие пари, а земјоделците не може да им платат повеќе од 2.700 денари, поради слабиот род и ниските откупни цени. Овоштарите не се задоволни со откупната цена на индустриското јаболко, која изнесува 9 денари за килограм, бидејќи, како што велат, не ги покрива трошоците, кои се многу повисоки од лани, а производствената цена изнесува од 12 до 13 денари за килограм

1989

Почна бербата на јаболка, а берачи нема. Јаболкопроизводителите од Преспа ги чекаат берачите од Албанија, за кои годинава ќе плаќаат дневници од 2.500 до 2.700 денари, со храна и сместување. Производителите не може сами да го наберат родот, а во државата не може да најдат работници за берба. Нашите не сакаат да работат за овие пари, а земјоделците не може да им платат повеќе од 2.700 денари, поради слабиот род и ниските откупни цени. Родот годинава е за 50 до 60 отсто помал од лани, поради доцните мразеви во април, а квалитетот е малку полош. Овоштарите не се задоволни со откупната цена на индустриското јаболко, која изнесува 9 денари за килограм, бидејќи, како што велат, не ги покрива трошоците, кои се многу повисоки од лани, а производствената цена изнесува од 12 до 13 денари за килограм.

– Во државата тешко се наоѓаат работници за берба на овошје. Доаѓаат некои берачи од Прилеп и од Битола, но во помал број. Дневниците секоја година растат, но луѓето мора да платат, бидејќи не може сами да ги наберат. Поради тоа, последниве неколку години за берба се ангажираат работници однадвор, најмногу од Албанија. Некои газди им плаќаат и по два-три оброка и сместување, зависи како ќе се договорат. Родот годинава е за 50 отсто помал од лани, а квалитетот е малку полош. Има штети од мразот, односно прстени и мрежавост на јаболката, поради тоа голем дел од јаболката ќе одат за индустријата – изјави за весникот ВЕЧЕР Кирче Карапалевски од Националната земјоделска мрежа.

Тој вели дека земјоделците не се задоволни од цената по која трговците го откупуваат индустриското јаболко и која првично беше 8 денари, а сега се качи на 9 денари за килограм. Производствената цена годинава е 12-13 денари и сè што е под тоа е недоволно за овоштарите.

– Голем дел од нашето јаболко ќе се извезе во Србија, бидејќи таму годинава има дефицит и нудат повисока цена од онаа по која го откупуваат трговците. Минатата година, српските откупувачи го откупуваа нашето јаболко по 17 денари за килограм во берба, а годинава очекуваме цената да биде над 20 денари за килограм – вели Карапалевски.

Се очекува откупната цена на ајдарет годинава да биде околу 30 денари, а на сортите златен и црвен делишес, муцо, грени смит – од 40 до 50 денари за килограм.

– Годинава родот е многу помал од лани, поради доцните мразеви во април, кога измрзнаа голем дел од овошките, а најмногу настрадаа праските во Росоман. Цените на целото овошје се зголемени, поради зголемените трошоци за производство, ѓубрива, препарати… а намаленото производство дополнително ја качува цената. Покачена е и цената на работната рака, а годинава нема квалитетни берачи што може да наберат преку 1.000 килограми дневно. Овие што се тука берат по 500-600 килограми дневно, не ги сортираат и ги оштетуваат јаболката при берба – изјави за весникот ВЕЧЕР Владимир Лабачевски, сопственик на „Агромедика“.

Оние земјоделци што имаат помали површини сами си ги берат јаболката со роднини, пријатели, но тие што имаат поголеми површини и повеќе хектари со јаболка мораат да ангажираат берачи. Во Преспа, за берење јаболка, неколку илјади работници, а овоштарите не знаат како ќе најдат работници ако не дојдат албанските берачи на помош.

– Локалното население, и покрај тоа што 30-40 дена е ангажирано за берба на јаболка, не може да постигне да ги набере сите јаболка, бидејќи 95 отсто од населението од овој крај има сопствени насади со јаболка – вели еден овоштар од Преспа.

На оние што имаат да наберат повеќе од 300 гајби, ќе им требаат сезонски работници. Обично бројот на работници што се ангажираат варира во зависност од површината на насадените јаболка. За да се наберат од четири до пет илјади гајби, потребни се пет-шестмина берачи, а има овоштари што ангажираат од осуммина до дванаесетмина сезонски работници за берба. Бербата во просек трае 30 дена и ако не се обезбедат работници, можно е поголем дел од јаболката да останат ненабрани.

(А. С.)

ИЗДВОЕНИ