Најтрофејниот кошаркарски тренер во Европа, Жељко Обрадовиќ, поднесе неотповиклива оставка од функцијата главен тренер на Партизан, потег што силно одекна во кошаркарската јавност.
Иако легендарниот тренер официјално се збогува со клубот и со неговите навивачи, сепак има надеж за целосен пресврт. Управата на клубот не сака да ја прифати неговата одлука, туку има намера да го убеди да се премисли, пишува „Спортал“.
Инаку, по период на лоши резултати, Обрадовиќ одлучи дека најдобрата опција е да се раздели со „црно-белите“. Тоа наиде на револт кај навивачите, кои со часови го следеа и чекаа летот со кој пристигна Обрадовиќ во Србија, приредувајќи му делириум и фанатичен пречек на аеродромот. Над 10.000 луѓе го следеа неговиот лет преку специјализирана апликација, а верните „гробари“, кои го чекаа, сè уште не ја слушнаа неговата конечна одлука, која се очекува во наредните денови.
Инаку, 65-годишниот тренер се врати во Партизан во 2021 година и во својот втор мандат на клупата освои два трофеи во АБА-лигата (2023 и 2025) и првенството на Србија (2025). „Црно-белите“ беа елиминирани во четврт-финалето на Евролигата од Реал Мадрид, во сезоната 2022/2023, и покрај тоа што водеа со 2:0 во серија.
Навивачите на тимот покажаа незадоволство од играта и од резултатите на Партизан во изминатиот период, поради кои беа исвиркувани играчите и дел од стручниот штаб, но покажаа сосема поинакво лице за човекот што ја подигна кошарката во Србија на едно повисоко ниво, барем на клупски план.











