Белата куќа доби зелено светло од Пентагон да ѝ обезбеди ракети „Томахавк“ на Украина – политичката одлука е во рацете на Трамп

53
Фото: EPA/Jeramy Spivey/ US NAVY 703-614-9154 EDITORIAL USE ONLY

Пентагон ѝ даде зелено светло на Белата куќа да ѝ обезбеди на Украина ракети со долг дострел „Томахавк“ откако процени дека тоа нема негативно да влијае врз снабдувањето на САД, оставајќи ја конечната политичка одлука во рацете на претседателот Доналд Трамп, објави „Си-Ен-Ен“, повикувајќи се на тројца американски и европски претставници запознаени со ова прашање.

Трамп претходно овој месец за време на работен ручек со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Белата куќа изјави дека би претпочитал да не ги испорача ракетите на Украина бидејќи „не сака да ги даде работите што им се потребни за да ја заштитат својата земја“.

Здружениот штаб на вооружените сили ја информираше Белата куќа за својата проценка претходно овој месец, кратко пред Трамп да се сретне со Зеленски, кој инсистираше дека ракетите поефикасно ќе ги таргетираат нафтените и енергетските постројки длабоко во Русија. „Томахавците“ имаат дострел од околу 1.000 милји.

Проценката ги охрабри европските сојузници на САД, кои веруваат дека Соединетите Држави сега имаат помалку изговори да не ги испорачаат ракетите, изјавија двајца европски претставници. Трамп, исто така, само неколку дена пред средбата со Зеленски, рече дека САД имаат „многу томахавци“ што потенцијално би можеле да ѝ ги дадат на Украина.

Затоа, американските и европските претставници беа изненадени кога Трамп драматично го смени курсот неколку дена подоцна, велејќи за време на воведниот говор на работниот ручек во Белата куќа со Зеленски дека на САД им „им се потребни“ ракетите „Томахавк“. Потоа, зад затворени врати, му рече на Зеленски дека САД нема да ги обезбедат, барем не засега.

Одлуката на Трамп дојде еден ден откако разговараше по телефон со рускиот претседател Владимир Путин, кој му рече на Трамп дека томахавците би можеле да ги погодат големите руски градови како Москва и Санкт Петербург, што нема да има значително влијание врз бојното поле, но ќе ги оштети односите меѓу САД и Русија.

ИЗДВОЕНИ