Портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, изјави дека специјалниот претставник на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф, испратил „детален и прифатлив предлог до иранскиот режим и дека е во нивен најдобар интерес да го прифатат“.
„Претседателот Трамп јасно стави до знаење дека Иран никогаш не може да добие нуклеарна бомба“, рече Ливит во соопштението, истакнувајќи дека предлогот на САД му бил презентиран на Иран, објави „Ројтерс“.
Претходно, иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи, изјави дека Техеран добил „елементи“ од предлогот на САД за потенцијален нуклеарен договор од министерот за надворешни работи на Оман, Бадр ал-Бусаид, по пет рунди разговори.
„(Бусаиди) денес во кратката посета на Техеран презентираше елементи од американскиот предлог, на кои ќе се одговори на соодветен начин во согласност со принципите, националните интереси и правата на иранскиот народ“, рече Аракчи на социјалната мрежа „Икс“.
Ројтерс објави дека шестата рунда преговори меѓу Вашингтон и Техеран за нуклеарната програма на Иран се очекува наскоро, но дека датумот и местото сè уште не се познати.
Американските претставници постојано наведуваат дека секој нов нуклеарен договор со Иран, кој би го заменил неуспешниот договор од 2015 година меѓу Техеран и шест светски сили, мора да вклучува обврска за запирање на збогатувањето на ураниум, што се смета за потенцијален пат кон развој на нуклеарни бомби, објави „Спутник“.
Иран постојано ги негираше таквите намери, наведувајќи дека сака нуклеарна енергија исклучиво за цивилни цели и јавно го отфрли барањето на Вашингтон да го запре збогатувањето на ураниум како напад врз неговиот суверенитет.