Актуелниот пратеник Беким Сали е предложен за нов вицепремиер задолжен и за Министерството за европски прашања, а Мухамед Хоџа за министер за животна средина во македонската Влада. Ова е предлогот кој денеска попладне произлезе од кабинетот на премиерот Христијан Мицкоски и кој беше упатен до македонското Собрание на усвојување, а што ВЕЧЕР неофицијално го дознава од владините извори. Изборот на новите членови на Владата на некоја следна пратеничката седница треба допрва да се закаже.
Со ваквиот предлог практично ќе се пополнат две упразнети позиции настанати со заминувањето на доскорешниот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити за градоначалник на скопската општина Чаир. Тоа, истовремено, е резултат на повеќедневните разговори меѓу премиерот Мицкоски со лидерите на коалицијата Вреди кои опфаќаа и евентуални промени во други ресори.
Од македонското Собрание за медиумите потврдија дека предлогот за промени во Владата е пристигнат во Собранието но не ги соопштија имињата.
-Пристигнат е предлогот на Владата за нови министри. На прва наредна седница треба да се стави разрешувањето на министерот за европски прашања Орхан Муртезани, додека за избор на нови министри нема пропишан рок во деловникот. За тоа дополнително ќе се одлучи – информираа денеска од македонското Собрание.
Дали ќе има промена во ресорот здравство но и другите ќе се знае по партискиот конгрес на ВМРО-ДПМНЕ закажан за 6 декември во Кавадарци. (Б.Ѓ.)












