Да се искористи позитивен момент за напредок во евроинтегративниот процес, порачал денеска министерот за европски прашања Беким Сали во Брисел. Тој се сретна со еврокомесарката за проширување Марта Кос при што ја потврдил посветеноста на Владата кон членството на земјава во Европската Унија и спроведувањето на реформите.
-Овој позитивен моментум треба да се искористи преку интензивна и тесна соработка со европските институции, со цел остварување конкретен напредок во интеграцискиот процес – порачал Сали на средбата со Кос.
Во оваа смисла, министерот за европски прашања и главен преговарач ја истакнал заложбата за продолжување на реформите, доследната имплементација на Планот за раст и Реформската агенда, како и за одржување на континуиран и конструктивен дијалог со Европската Унија.
Сали вчера се сретна со европратеникот Матеј Тонин (EPP) во Европскиот парламент, како и со кипарската амбасадорка при Европската унија, Кристина Рафти, чија земја е актуелен претседавач со Советот на ЕУ.
Во фокусот на разговорите биле реформската агенда, планот за раст за Западен Балкан, како и клучните приоритети во рамките на напредокот на преговорите со Европската Унија. На средбата беше нагласена важноста од континуирана соработка и поддршка од европските партнери за реализација на реформите и понатамошно унапредување на интегративниот процес.
Тој се сретна и со директорката за Западен Балкан, Валентина Суперти.
-За време на средбата се дискутираше за напредокот на Северна Македонија во спроведувањето на Агендата за реформи и Планот за раст, при што земјата покажува одржлив напредок во клучни области како владеење на правото, јавната администрација и дигитализацијата на услугите – информира кабинетот на Сали. (Б.Ѓ.)












