Турбо се работи на автопатските делници на коридорите 8 и 10Д од страна на конзорциумот „Бехтел и Енка“. Извештајот на ЈП за Државни патишта за прогресот на работите на трите автопатишта што се градат, а се однесува на периодот од 1 до 30 април годинава, покажува дека за автопатската делница Тетово-Гостивар се завршени 95 проценти од експропријациите, на делницата Прилеп-Битола се 78 проценти, и за Гостивар-Букојчани само 46 проценти.
Според Извештајот кој е објавен на веб страницата на ЈПДП, за делницата Букојчани-Гостивар се реализирани 73 проценти од геотехничките истражувања, а за Прилеп-Битола 63 проценти. Надзорот покажал дека има напредок од 60 проценти на работите за спецификација и проектирање на автопатот Тетово-Гостивар, од 30 проценти за Букојчани-Гостивар, а од 49 проценти за Прилеп-Битола.
На овие три делници претежно се одвиваат земјани работи по должина на главните траси, како и изградба на пропусти, армирање и бетонирање на мостови, регулирање на времени сообраќајни режими, се вршат ископи и се изведува заштита на косини. Сите активности се одвиваат со зголемена динамика.
Најтешка за изведба, поради планинскиот терен, е делницата Гостивар-Букојчани и како што посочуваат од надзорот, сепак работите се според предвидената динамика и без никакви пречки. Моментално се работи на изградбата на петтиот мост на петтиот километар, заедно со седмиот мост на седмиот километар.
Според одговорниот инженер за овој мост, Мехмет Аќиф Абаџи, најголем предизвик било пренасочувањето на реката Вардар но се внимавало да се зачува нејзиниот природен тек. Исто така, се води грижа и за стабилноста на косините онаму каде има нестабилно земјиште кое се лизга. До април се завршени околу третина од работите на Коридорот 8.
Договорот со „Бехтел и Енка“ во вредност од 1,3 милијарди евра беше склучен во март 2023 година. Досега на изведувачот му се исплатени над 301 милиони евра. Токму во април годинава, имало две исплати од државата преку ЈПДП и тоа на 22 април околу 600 милиони денари и на 30 април од 525 милиони денари. За споредба, за изградбата на автопатите на коридорите 8 и 10д лани на „Бехтел и Енка“ им беа исплатени 261 милион евра, а ова година од буетот на ЈПДП се планирани 130 милиони евра.
За изградба на трите траси на новите автопати Тетово–Гостивар (17 километри), на Гостивар–Букојчани (околу 17 километри) и на Прилеп–Битола (25 километри), „Бехтел и Енка“ имат ангажирано 1.833 лица и 1.082 градежни машини.
За комплетирање на коридорот 8 од Скопје до Охрид потребно е да се доигради автопатот од Кичеводо Охрид, но и делницата „Букојчани-Кичево и во моментов тече јавен повик за избор на изведувач.
Ако се работи со вакво темпо како досега, очекувањата на Владата се до 2027 година да бидат изградени сите овие делници и граѓаните да можат да возат по модерни и безбедни автопатишта.
(С.Бл.)