Чои Мин Кјунг, 53-годишна жена која пред 13 години побегнала од Северна во Јужна Кореја, поднела и граѓанска и кривична тужба против Ким Јонг Ун и против неколку високи функционери на режимот во Северна Кореја, обвинувајќи ги за систематско мачење и за сексуално насилство кое го претрпела за време на повеќекратното затворање во севернокорејските затвори, објави „Гардијан“.
Таа бара отштета до 50 милиони вона од Северна Кореја, што е еднакво на околу 37.000 долари. Според нејзините адвокати и според организациите вклучени во случајот, ова е првпат бегалка од Северна Кореја да покрене ваква правна постапка пред јужнокорејски судови.
– Поминаа 13 години откако се преселив во Јужна Кореја, но сè уште страдам од тешка траума поради последиците од мачењето и живеам зависна од лекови. Лузните по целото мое тело сведочат за ужасната реалност на човековите права во Северна Кореја, изјави Чои за „Гардијан“.
Во тужбата, во која весникот имал увид, детално се опишуваат конкретни форми на злоставување – од сексуално насилство за време на груби и нехигиенски прегледи на телесните отвори без ракавици, до тешки претепувања што довеле до пукање на ушното тапанче и до губење свест. Се наведува и дека била приморувана да поминува повеќе од 15 часа дневно во неприродни телесни положби.