Најбараниот европски бегалец лоциран во Москва: Поранешниот технолошки генијалец има најмалку пет идентитети/ФОТО

95
Фото: X screenshot

Побегнатиот шеф на технолошката компанија Wirecard, кој стана руски разузнавачки службеник, е забележан во Москва. Јан Марсалек, кој водеше огромна шпионска мрежа со седиште во Велика Британија додека беше во бегство од Интерпол, беше фотографиран на улиците на Москва, со трансплантирана коса, држејќи се за раце со својата партнерка во руската престолнина.

Ова е прв пат таканаречениот најбаран човек во Европа и еден од најбараните луѓе во светот да се појави во јавноста откако избега во јуни 2020 година, кога неговата компанија, гореспоменатиот германски технолошки гигант Wirecard, пропадна, оставајќи дупка во сметководтсвената евиденција вредна 1,8 милијарди евра.

Тој е баран за измама, а исто така е под истрага за шпионажа во неколку европски земји. Руската истражувачка веб-страница Insider реконструираше некои од неговите движења користејќи податоци за патување, мобилни податоци и снимки од камери за надзор од улиците на Москва.

Истрагата на порталот The Insider открива дека Марсалек води речиси „обичен живот“ – секојдневно патува на работа и се враќа од седиштето на руската Федерална служба за безбедност (ФСБ), а повремено патува и во Украина, каде наводно учествувал во борбени задачи со специјални единици.

Покрај тоа, тој бил поврзуван со руски приватни воени групи, шпионажа против критичарите на Кремљ и тајни набавки на борбени дронови. Запленети пораки откриле дека учествувал во планови за киднапирања и ликвидации на противници на Владимир Путин, меѓу кои и новинарите Христо Грозев и Роман Доброхотов.

Податоците покажуваат дека од 2023 година најмалку пет пати го посетил окупираниот Крим, а бил виден и во Донбас и Мариупол, заедно со руски специјалци. Во меѓувреме, научил руски јазик, а неговата наставничка и партнерка Татјана Спиридонова активно му асистирала во операциите.

Марсалек користи најмалку пет различни идентитети и често патува во Дубаи, каде, според истрагите, се занимава со перење пари и трговија со таканаречени „крвави дијаманти“. Против него се водат постапки во повеќе европски држави.

Поранешниот „технолошки генијалец“ денес е една од најтаинствените и најопасни фигури на европската сцена – бегалец, шпион и човек кој се движи меѓу светот на финансиските измами и сенките на геополитиката.

ИЗДВОЕНИ