
Вчера во рускиот град Санкт Петербург се одвиваше неверојатна драма. Случајни минувачи успеаја да спасат бебе од една и пол година кое падна од 10-ти кат од станбена зграда.
Според руските медиуми, минувачите го виделе малото момче како си игра во близина на отворен прозорец и ја рашириле јакната. Во еден момент, момчето паднало од неверојатна висина, но со брза и смирена реакција, слетало во јакната, што го ублажило падот.
Потоа малото момче било однесено во болница каде што му биле дијагностицирани сериозни повреди.
Застрашувачкото видео од спасувачката операција објавено на социјалната мрежа Инстаграм е придружено со апел до сите родители.
„Родители, не ги оставајте децата без надзор, особено во близина на отворен прозорец“, се вели во описот на видеото.
Родителите имаат долго досие
Руската новинска агенција ТАСС известува, повикувајќи се на полициски извори, дека родителите на бебето имале проблеми со законот.
– Мајката на детето (45) претходно била санкционирана за неколку члена, вклучувајќи неисполнување на родителските обврски во врска со издржувањето и воспитувањето на малолетници и консумирање алкохолни пијалоци на места каде што тоа е забрането со федерален закон – изјавил соговорникот на руската агенција.
Тој прецизирал дека жената, чие име не е наведено, била осудена и за кражба со значителна материјална штета.
Според изворот, таткото на момчето (34) не е осуден, но во последните неколку години бил притворен три пати за консумирање алкохол на забранети места.
Изворот додал дека мажот работи како магационер во приватна компанија.
Според рускиот портал „КП“, мајката на бебето има и близнаци кои имаат 18 години и сите живеат заедно во станот.
View this post on Instagram











