-Базенот е даден под закуп на 25 години, со тоа што закупецот има обврска за две години од денот на склучување на договорот да го доведе во функционална состојба и да го пушти во употреба, информираат од Општина Сарај. По две години, „Дуту – Аква ресторан“ ДООЕЛ, Крушопек, Скопје, ќе плаќа по 800 евра месечно. На терен може да се забележат активности, а од Општина Сарај потврдуваат дека закупецот се надева оти базенот ќе биде обновен и ќе биде пуштен во функција оваа летна сезона, неофицијално за еден месец. -Во моментот, закупецот презема активности за доведување на објектите во функционална состојба. Тој се надева дека ќе стигне со градежните активности до почетокот на летната сезона – велат од локалната самоуправа
Стариот руиниран базен во рамките на спортско-рекреативниот центар „Сарај“, изгледа, ќе доживее ренесанса откако Општина Сарај на 26.1.2024 година склучи договор за закуп со „Дуту – Аква ресторан“ ДООЕЛ, Крушопек, Скопје.
На терен може да се забележат активности, а од Општина Сарај потврдуваат дека закупецот се надева оти базенот ќе биде обновен и ќе биде пуштен во функција оваа летна сезона, неофицијално за еден месец.
– Во моментот, закупецот презема активности за доведување на објектите во функционална состојба. Тој се надева дека ќе стигне со градежните активности до почетокот на летната сезона. Базенот е даден под закуп на 25 години, со тоа што закупецот има обврска за две години од денот на склучување на договорот да го доведе во функционална состојба и да го пушти во употреба – потенцираат од Општина Сарај.
Оттаму додаваат дека по завршувањето на овој рок, закупецот е должен да плати месечна закупнина во износ од 0,5 % од проценетата вредност, односно 49.600 денари.
Инаку, од она што можеше да се добие како неофицијална информација од терен, базенот ќе биде опремен со италијанска опрема, но нема да има скокалница.
– Со ревитализацијата, односно со ставањето во функција на овој објект, веруваме дека ќе ги вратиме сјајот и спомените на жителите на Градот Скопје, со што ќе придонесеме за поголем економски развој и придобивки за Општината – сметаат од локалната самоуправа.
Тие појаснуваат дека сопственик на објектот првично било АД за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење на Републиката – Скопје, но не биле преземени никакви активности од негова страна за ревитализација, односно тековно одржување.
– Објектот претставуваше опасност за животот и здравјето на посетителите на паркот затоа што речиси беше руиниран и со отворени шахти и други отвори за подземните инсталации. Истовремено, тој служеше и како собиралиште за кучињата скитници, што, исто така, претставуваше опасност за посетителите на паркот и за лицата што се движат по патот што води до селото Крушопек и до другите населени места – наведуваат од Општина Сарај.
Поради тоа, Општина Сарај доставила барање до Владата за одземање на корисничкото право на горенаведениот субјект, по што таа донела одлука за утврдување на работите во функција на запишување недвижности сопственост на Република Македонија и тие објекти, со одлука од 8.11.2022 година, се запишани во сопственост на Република Македонија.
Притоа, Општината доставила барање за донесување одлука за пренесување на објектот во нејзина сопственост.
Владата, на 14 март 2023 година, донела одлука за пренесување на правото на сопственост на базенот на Општина Сарај, односно за објектите на базенот, и тоа: објекти Д3-13 со вкупна површина од 1.281 квадратни метри и објекти Д3-2 со вкупен волумен од 4.092 кубни метри, во имотниот лист број 14791.
– Потоа Советот на Општина Сарај донесе одлука за давање согласност за спроведување постапка за закуп на недвижни ствари во сопственост на Општина Сарај, преку електронско јавно наддавање од 6.10.2023 година. Притоа, донесено е и решение за формирање комисија за недвижни и движни ствари сопственост на Општината, која е задолжена за спроведување на постапката за електронско јавно наддавање. Објавата е спроведена преку електронскиот систем на ЗЕЛС – е ствари, а пријава достави „Дуту – Аква ресторан“ДООЕЛ, Крушопек, Скопје, со кој е склучен и договорот за закуп.
Базенот во рамките на спортско-рекреативниот центар „Сарај“ беше едно од омилените места на скопјани во минатото. Всушност, СРЦ „Сарај“ претставува едно од најстарите излетнички места во Скопје, со површина од 240.000 квадратни метри.
СЦ „Сарај“ бил изграден во 1948 година, кога бил предвиден, и со урбанистичкиот план, како регион Сарај – Матка, исполнет со базени, фудбалски игралишта, трибини и со патеки. Подоцна, регионот Сарај – Матка прераснал во центар за спорт и рекреација со терени за спорт покрај реката Вардар и езерото Треска. Во 1955 година, бил ревидиран урбанистичкиот план и биле изградени базенот, фудбалските игралишта и другите објекти за рекреација. Во 1964 година бил направен нов урбанистички план, со кој биле испланирани јавното зеленило и спортско-рекреативните реони. Додека во 1971 година, од ЈП „Паркови и зеленило“ бил направен проект за СЦ „Сарај“, со кој биле дефинирани градското и вонградското зеленило со паркови, плоштади и други зелени површини по бодовите на Скопје – вонградското зеленило, како и зеленилото за активна и за пасивна рекреација.
Денес, како зеленило со оптимален интензитет на одржување, СРЦ „Сарај“ е дел од вонградското зеленило под ингеренција на Град Скопје.
(А. П.)