Под мотото „Побарај ја забавата“, по неколкугодишна пауза, почнувајќи од „Расадник“, во скопската општина Кисела Вода, уличниот фестивал „Баскерфест 2025“ повторно ќе ја оживее уличната сцена, носејќи ја уметноста меѓу луѓето, на плоштадите, улиците и на јавните простори. Ова ќе биде 15. издание на еден од највозбудливите и најпрепознатливи улични фестивали во Македонија.
– Ме радува што по неколкугодишна пауза, повторно се враќаме на уличната сцена, посилни и повозбудливи од кога било досега. Од 25 август до 6 септември, на уличните сцени ќе продефилираат преку 20 интернационални артисти, од сите краишта на светот – од Полска до Чиле, од Канада до Бразил, со единствена цел: да ја раздвижат секоја локација, да создадат моменти што се доживуваат со сите сетила и што се паметат трајно – истакна Пане Темов, организатор на „Баскерфест“, на денешната прес-конференција.
Тој информираше дека оваа година, „Баскерфест“ ќе гостува на 13 различни локации, во 9 града во земјава.
В понеделник, првиот фестивалски ден, ќе се одржи во скопската општина Кисела Вода, во вторник карванот ќе гостува кај амфитеатарот во Велес, в среда – на плоштадот во Кавадарци, прилепчани ќе може да се забавуваат в четврток, на плоштадот, а петокот е резервиран за битолчани, пред фонтана „Магнолија“. В сабота (30.8.2025), „Баскерфест“ ќе биде на плоштадот во Охрид, а наредниот ден – во Тетово.
Од 1 до 4 септември 2025 година, карванот повторно ќе биде пред скопската публика, односно во општините Бутел (на плоштадот), Аеродром, жителите на Гази Баба ќе може да го проследат „Баскерфест“ на плоштадот во Автокоманда, додека паркот во Ѓорче Петров е локацијата на која ќе се одржуваат уметничките перформанси. На претпоследниот ден од двонеделното патување, 5 септември, „Баскерфест“ ќе го посети Куманово, а наредниот ден, во Гевгелија, е последната фестивалска вечер. Во двата града, баскерџиите ќе настапуваат на плоштадите.
– Сите претстави ќе започнуваат во 19:00 часот. Ги повикуваме сите љубопитни, млади по дух и срце, семејства, деца, љубители на уметноста, да ни се придружат и заеднички да ги славиме креативноста, спонтаноста и човечката поврзаност преку уметнички перформанси. Ќе биде весело, магично и незаборавно – порача Темов.
Тој најави дека на плоштадите и улиците ќе настапуваат акробати, жонглери, улични музичари, илузионисти и кловнови, секој со своите уникатни приказни и вештини.
– „Баскерфест“ е доказ дека културата не мора да биде во сали и галерии – таа живее на улица, меѓу луѓето, како универзален јазик на разбирање и поврзување. Фестивалот е симбол на слободниот дух, културната размена и на урбаната енергија. Нас, како Општина, нè радува фактот што токму овде ќе започне овој голем караван и сите граѓани на Кисела Вода ќе имаат можност први да го погледнат ова шоу. Честитки до организаторите, посакувам успешен карван и почесто нека има вакви манифестации во Македонија – истакна Сашо Јованоски, советник во кабинетот на градоначалникот на Општина Кисела Вода.