Јас ќе инсистирам за „Вардариште“ да се изработи проект за целосно прочистување и ревитализација, со вклучување експерти и претворање на просторот во зелена зона достапна за сите, наведува Бакиу. |
Роден во скопски Сарај, со завршени студии на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје и експерт од областа на локалниот развој и децентрализацијата, Башким Бакиу смета дека македонската метропола со години беше заробена од партиски интереси и недомаќинско работење. Тој наведува дека е свесен за сите проблеми со кои може да се соочи во улога на градоначалник и не е оптимист дека промените на подобро можат да се случат.
Како би го опишале Град Скопје и неговите клучни проблеми во моментов и како го гледате по 4 години доколку би ја добиле довербата од граѓаните?
– Скопје денес е град со голем потенцијал, но и град кој со години беше заробен од партиски интереси и недомаќинско управување. Воздухот е загаден, улиците се хаотични, зеленилото е уништено, а институциите ја изгубија довербата на граѓаните. Јас го гледам Скопје како европска метропола – функционална, зелена и достоинствена. Подготвен сум да се соочам со отпори и сo блокади, затоа што верувам во силата на јавниот интерес и во довербата на граѓаните. Ако тие стојат зад мене, ниту еден совет нема да ја закочи промената.
Јавниот превоз е проблем број еден во Градот ако на него се гледа во поширока смисла и како систем за превоз, но и за намалување на аерозагадувањето. Кога последен пат сте влегле во градски автобус и какво чувство имавте? За каков концепт на јавниот превоз во Градот се залагате и со кои извори на финансирање би го вовеле?
– Последниот пат кога влегов во автобус, чувството беше како да сме заглавени во минатиот век – беше преполн, нефункционален и со загубено достоинство. Тоа мора да се смени. Нашата визија е системот „Бас рапид транзит“ (БРТ) – брз, ефикасен и еколошки јавен превоз, со електрични и хибридни автобуси кои ќе ги поврзат сите делови на градот. Јавниот превоз мора да стане гордост на градот, а не причина за нервоза.
Скопје со години е на светската мапа по загаден воздух. Кои се првите и следни долготрајни чекори и мерки што ќе ги преземете за намалување на аерозагадувањето?
– Првиот чекор е радикално зголемување на јавниот превоз и субвенции за граѓаните да користат еколошки алтернативи. Вториот е сериозен мониторинг и контрола на индустриските загадувачи и затоплувањето на домаќинствата. Долгорочно, мора да инвестираме во енергетска ефикасност, обновливи извори и урбани зелени зони. Ќе поставиме јасни индикатори за мерење и отчетност пред граѓаните.
Имате ли лек за дивите депонии по Градот? Како гледате на решението за депонијата „Вардариште“ кое скопјани го поистоветуваат со Чернобил? Какво решение имате за градската депонија „Дрисла“?
– „Вардариште“, поранешната градска депонија, со децении остана како еколошка бомба и симбол на негрижата. Граѓаните со право ја нарекуваат „Чернобил“, затоа што никој не се зафати сериозно со санација. Јас ќе инсистирам таму да се изработи проект за целосно прочистување и ревитализација, со вклучување на експерти и претворање на просторот во зелена зона достапна за сите.
Во исто време, Скопје има ЈП „Дрисла“, но векот на неговото работење е при крај. Веќе денес мора да планираме модерна регионална депонија со современа технологија, каде отпадот нема само да се фрла, туку да се селектира, рециклира и да се претвора во енергија. Тоа е европскиот пристап и тоа е моделот што ќе го донесеме.
Дивите депонии ширум градот, пак, ќе ги решаваме системски – со поефикасно работење на јавните претпријатија, дигитални алатки за пријава и строги казни за несовесни фрлачи. Нема повеќе козметички акции за сликање пред избори, туку вистински систем кој ќе го врати достоинството на градот. Бидејќи магистрирав на тема компаративен развој, дел од студирањето го поминав во Љубљана, град во кој е најдобро решен проблемот со депонијата.
Како ќе го решите проблемот со бездомните животни оти во изминатите години имаше разни начини за нивно решавање, но сè завршуваше на иницијативи на поединци?
– Во Скопје веќе постои ЈП „Лајка“. Тоа е добар почеток, но далеку од доволен. Ќе инвестираме во модернизација на капацитетите, во програми за стерилизација, во мрежа за вдомување и во едукација на граѓаните. Со партнерство со здруженијата, „Лајка“ може да стане пример за хуман третман и трајно решение. Скопје мора да биде безбеден за луѓето и праведен кон животните.
Младите сè почесто се отселуваат, кој е вашиот концепт за нивно задржување во Градот? На кој начин треба да се организира забавниот живот во градот?
– Младите се иднината на градот. Мојата визија е Скопје да стане центар на можности и креативност: стартапи, културни центри, спорт и фестивали. Забавниот живот мора да биде повеќе од кафулиња – концерти, фестивали, улични настани, спортски манифестации. Ќе им дадеме причина младите да останат и да се гордеат со градот.
Скопје е единствената метропола која со години нема лунапарк, зоолошката градина е единствената забава за најмладите, но и таму ситуацијата не е најсјајна. Имате ли тајна формула за нивна обнова и рехабилитација?
– Недозволиво е метропола да нема модерен лунапарк. Ќе изградиме нов парк со современи содржини, безбеден и атрактивен. Зоолошката градина ќе ја модернизираме по европски стандарди, со грижа за животните и со едукативни програми за најмладите. Градот мора да им понуди на децата повеќе од бетон и трговски центри.
Граѓаните имаат големи поплаки за состојбата на Градските гробишта. На кој начин сметате дека овој проблем треба да се реши?
– Состојбата на гробиштата е недостојна. Високи цени, нехигиена и запуштеност. Решението е професионализација, транспарентни цени, субвенции за ранливите категории и модернизација на услугите. Достоинството на граѓаните и почитта кон починатите се неприкосновени.
Кои од досега изнесените идеи на вашите противкандидати најмногу ви се допаднаа, дали ќе ја преземете во програмата? Дали во вашиот кабинет, доколку бидете изгласани, ќе има место и за нив?
Јас политиката не ја гледам како војна, туку како натпревар на визии. Ако некој има идеја што е добра за граѓаните, јас ќе ја прифатам. Во мојот кабинет ќе има место за сите што работат чесно и одговорно. Суштината е една, граѓаните да живеат подобро.
Ќе иницирам ревизија на ДУП-ови
Во следниот мандат, Советот на Скопје треба да го донесе новиот Генерален урбанистички план. Со кои принципи и визии за Скопје сметате дека треба да се води ГУП, кон кои подрачја треба да се шири градот? На кои принципи треба да почиваат ДУП-овите, треба ли да има нивно преиспитување? Имате ли тајна формула за решавање на урбанистичките проблеми? – Никој повеќе не верува дека урбанистичките решенија се носат во интерес на граѓаните. Ќе иницирам ревизија на ГУП со вклучување на експерти и јавноста, а не само на инвеститорите. Моите принципи се јасни: јавен интерес, зелени коридори, културни и спортски простори, рамнотежа меѓу развојот и квалитетот на живот. ДУП-овите ќе се преиспитаат транспарентно. Не ветувам тајна формула – туку чесна и одговорна работа. |
Нов концепт за јавна хигиена: Професионализација, модерна опрема, дигитална контрола…
Јавната хигиена е еден од клучните проблеми на Градот, кој во очите на граѓаните е „валкан град“. Како да се надмине тој проблем? Со оглед на дисфункционалноста и неефикасноста на јавните претпријатија, најголем дел од нив опстојуваат само од субвенции од Градот, сметате ли дека треба да се смени нивниот концепт и на кој начин тоа би се извело?
– ЈП „Комунална хигиена“ има капацитети, но нема резултати. Скопје е валкан град затоа што локалните институции не работат ефикасно. Решението е нов концепт: професионализација, модерна опрема, дигитална контрола и јавна отчетност. Ќе воведам апликација преку која граѓаните ќе пријавуваат проблеми, а службите ќе мора да реагираат во рок. Чистотата е огледало на институциите, а Скопје заслужува да биде чисто секој ден. Функционализирањето на локалните претпријатија ќе биде еден од најголемите приоритети. (Б. Ѓ.)