Туристите што ја посетуваат Барселона во наредните години би можеле да платат до 15 евра дополнително по ноќ, кога ќе се соберат сите туристички трошоци.
Имено, градскиот совет на овој шпански град гласаше за удвојување на контроверзниот туристички данок до 2029 година.
„Колку повеќе туристите плаќаат, толку помалку ќе треба да плаќаат граѓаните“, рече лидерката на Републиканската левица, Елисенда Аламани, објаснувајќи ја одлуката, пишува Мирор, а пренесува „Евроњуз Србија“.
Десничарите од „Вокс“ и од „Народната партија“ гласаа против оваа одлука.
Туристичкиот данок, кој моментално изнесува четири евра, ќе се зголемува за едно евро годишно, сè додека не достигне рекордни осум евра во 2029 година.
Овој доплата се плаќа покрај регионалниот каталонски туристички данок, кој варира во зависност од видот на сместување и должината на престојот.
Се очекува и каталонскиот данок да се зголеми подоцна оваа година, на седум евра по ноќ за престој во петзвездени хотели, што значи дека некои туристи би можеле да платат вкупно до 15 евра данок во 2029 година.
„Управувањето со туризмот е прашање на здрав разум во овој град. Со собирање на овие приходи, можеме да обезбедиме рамнотежа и да изградиме успешен град“, рече Аламани пред гласањето, нагласувајќи дека дебатата не била за или против туризмот, туку за промена на пристапот.
Потоа таа им се обрати на новинарите по гласањето, пофалувајќи го „силното мнозинство“ што ја поддржа мерката, додавајќи дека целта е туристите да придонесат повеќе.
Заменик-градоначалникот за економија и туризам, Џорџи Валс, ја изрази поддршката на градската влада за мерката, велејќи дека доплатата веќе помага во финансирањето на клучни области како што се јавниот превоз, безбедноста и климатските иницијативи. Тој додаде дека го поздравуваат фазниот пристап на предлогот, бидејќи му овозможува на туристичкиот сектор постепено да се прилагоди на зголемувањето на данокот.
„Градот признава дека туризмот е клучен дел од нашата економија, но постои согласност дека тој мора правилно да се управува“, рече Валс.
Народната партија и Вокс го отфрлија зголемувањето на доплатата, тврдејќи дека тоа го „криминализира“ туризмот. Популистите предупредуваат дека Барселона ќе стане „непријателски настроен град кон посетителите“.
Мерката е условена од парламентот да одобри измени на сегашното ограничување на стапката во октомври.
Само по тоа одобрување, градскиот совет ќе може да вклучи нов распоред на зголемувања на даночните прописи, кој мора да се усвои до крајот на годината.
„Управувањето со туризмот повеќе не е прашање на левицата или на десницата – тоа е прашање на здрав разум. Ако не управуваме со туризмот, градот ќе се промени и ќе стане уште потешко да се живее во него“, рече Аламани.