
Каталонскиот гигант Барселона е активен на трансфер пазарот ова лето, но досега раководните лица главно се фокусирани на заминувањата. Ансу Фати, Алекс Вале и Пабло Торе се меѓу играчите кои го напуштија клубот, а уште неколкумина наскоро ќе им се придружат. Шефот на стручниот штаб, Ханси Флик, сака некои од нив да го напуштат клубот што е можно поскоро.
Неколку кандидати веќе се означени како вишок, како што се голманите Марк-Андре Тер Штеген и Инаки Пења. Познато е дека Пења сигурно ќе замине бидејќи самиот побара да биде продаден и тој е еден од тројцата кои треба да го напуштат клубот оваа или следната недела, а во секој случај пред Барса да тргне на подготвителна турнеја во Јапонија и Јужна Кореја, пишува Спорт. Актуелниот шампион на Шпанија ќе игра против Висел Кобе на 27 јули.
Истото важи и за Ориол Ромеу. Флик веќе му кажал дека не смета на него, поради што сите страни сакаат брзо да ја решат ситуацијата. Искусниот играч од средниот ред би можел да се врати во Џирона, но речиси е сигурно дека тоа би го сторил како слободен играч, затоа што Барселона сака што поскоро да ги намали трошоците и да го отстрани од платниот список.
Третиот играч чие заминување Флик би го поздравил што поскоро е на Пау Виктор. Барселона сака да го продаде, а не да го позајми. Младиот напаѓач има многу мали шанси да игра следната сезона, иако ако не се договори трансфер пред тимот да замине на предсезонската турнеја во Азија, тој ќе патува со тимот.
Покрај Пења, Ромеу и Виктор, Барселона ќе се обиде да се ослободи и од Тер Штеген и барем од еден централен бек, Роналд Араухо или Андреас Кристенсен.