Ракометарите на Барселона успеаја да се вратат на светскиот врв, откако го освоија трофејот на Супер Глоуб турнирот. Каталонскиот гигант во финалето го совлада унгарскиот шампион Веспрем со 31:30, по две продолженија од по пет минути (26:26, 22:22, 13:12).
Каталонците со оваа победа ја прекинаа петгодишната пауза без светска титула, враќајќи се на врвот како најтрофеен клуб во историјата на ова натпреварување. Веспрем, пак, остана без трофеј и покрај одличната игра и храброста да се враќа во натпреварот дури и кога изгледаше загубен. Финалето ќе остане запаметено како едно од највозбудливите во поновата историја на Супер Глоуб.
Емил Нилсен блесна на голот на Барса со 27 одбрани од 55 шута, а кај стрелците прво име беше Гомез Абељо со шест гола. Кај Веспрем, Уго Деска имаше осум гола, го следеа Ремили и Мартиновиќ со по шест, а голманот Коралес имаше 16 одбрани.
За најкорисен ракометар на турнирот е избран голманот на Веспрем, Родриго Коралес. Во „ол-стар“ тимот се најдоа тројца ракометари на Барса и по двајца од Веспрем и Магдебург. За најдобар стрелец е прогласен асот на Веспрем – Уго Деска.