Нема поубаво чувство за нашите љубители на фудбалот кога ќе се чуе дека некој Македонец е на радарот на еден од најдобрите клубови на денешницата, екипата на Барселона!

Токму таква е приказната за деветгодишниот фудбалер Даријан Галевски, кој моментно игра за младинските категории на Црвена звезда и тренира во добропознатата македонска фудбалска школа „Форца“.

Но, да почнеме од почеток….

„Македонскиот Меси“, како што го нарекуваат во неговата генерација, а и самиот вели дека токму тој фудбалер е негов идол, поминал низ неколку филтри, за пред две години да се „проба“ на камп на Барселона одржан во Загреб, а токму таму започнува да се остварува сонот за кој мечтае секој фудбалер. На тој камп, четири тренери и еден координатор од престижната школа на Барселона го посочиле Галевски за најдобар поединец во конкуренција од 200 врсници.По своето блескаво издание во Загреб, сонот на младиот фудбалски талент станува реалност, па добива повик за учество на камп организиран од добропознатата фудбалска школа „Ла Масија“, од каде што произлегоа врвни имиња како Меси, Чави, Иниеста, Бускетс, и сега Јамал, Гави, Педри…

Со својот стил на игра, визија – навремени додавања, прецизност и несебичност, ги воодушевил тренерите во Академијата на Барселона, кои во иднина ќе го следат развојот на македонскиот бисер, сè до неговата 13-та година, кога ќе може да стави потпис за еден од најдобрите клубови во историјата.

Според зборовите на неговиот татко, Даријан започнал индивидуално да шутира топка на свои две години, додека на четири години и осум месеци, првпат се појавува на тренинг во најдобрата македонска школа „Форца“, каде што тренира до ден-денес.

  • Даријан е дете на родители кои се спортисти во душа. Сопругата е поранешна каратистка, која има над 170 медали, дел национални, дел меѓународни, додека јас тренирав во кошаркарскиот клуб Работнички, меѓутоа прва љубов ми била фудбалот. Што се однесува до Даријан, неговата љубов кон овој спорт се појави во најмала возраст, на некои две години. Имам видеа кои покажуваат за неговата одлична прецизност, каде што од 100 шутеви на мал гол, 95 пати ја погодува целта. Тој покажува посебни карактеристики во однос на голем број други деца на негова возраст. Потоа следуваше мала пауза кога е во прашање фудбалот, некако играчките во тоа време го земаа приматот на поинтересни, за потоа, пред неговата петта година, повторно се врати желбата кон фудбалот. Никогаш не го форсиравме дека мора да се занимава со фудбал, знаејќи дека е премногу мал. Сепак, мора да напомнам дека даваме голема жртва за на Даријан да му понудиме најповолни услови за да се занимава со тоа што тој го сака, истакна за весникот ВЕЧЕР таткото на Даријан, Дамјан Галевски.

Тој потоа ја опиша целата ситуација која се одвивала на кампот во Загреб, каде што младиот фудбалер покажал далеку поголем квалитет во однос на неговите врсници, па бил прекомандуван во повозрасните категории, каде што исто така талентот испливал на површина.

  • Во кампот на Барселона, кој функционираше со пет тренери од „Ла Масија“, евидентно е дека не сакаат себични деца, не ја гледаат индивидуалноста на поединецот, а токму тоа им „бодеше“ во очи на шпанските тренери кои го водеа кампот. Даријан не сака себичност, не му е приоритет само да постигнува голови, туку сака да ја истакне креативноста преку додавање, дриблинг и се што нуди фудбалската игра. Веќе вториот ден на кампот, Даријан беше префрлен во повозрасната категорија и тоа директно од координаторот. Таму не одлучуваа хрватските тренери кои ги имаше во секоја група во различните генерации, туку одлуката паѓаше директно од координаторот на „Ла Масија“. Веќе следниот ден, Даријан беше префрлен од генерацијата 2016 (7 години) во 2015 (8 години), а по само два часа беше префрлен да игра со дечиња кои имаат девет години. Тука ни стана јасно дека Даријан поседува многу поголем квалитет од неговите врсници, дури и од повозрасните генерации. Иако беа физички посилни од Даријан, сепак неговиот квалитет излезе на површина. Од кампот ја доби и наградата „Дрим тим“ наменета за најдобар играч, која нуди можност да тренира десет дена во „ЛаМасија“ со нивните тренери. Ние го искористивме тоа, а сега поради неговите години (9), нема можност да тренира со вториот тим на Барселона, бидејќи до договор може да дојде само кога ќе наполни 13 години. Во меѓувреме, од „Ла Масија“ најавија дека Даријан ќе биде на нивниот радар, ќе учествува и на други кампови поддржани од Барселона, односно да бидат во контакт со него и одблизу да го следат неговиот развој, порача таткото на Даријан.

Потоа, македонскиот бисер се појави и на камп на Ливерпул во Ријека, како и на изданието на турнирот „Олимпик фудбал фест“ во Белград, каде што беше скениран од радарот на Црвена ѕвезда и оттогаш е дел од белградскиот тим. Успехот на ова младо момче е огромно и најавува нешто многу големо за Македонија и македонскиот фудбал воопшто.

  • Во октомври минатата година, од Црвена звезда покажаа интерес за Даријан, и од тогаш тој е дел од овој белградски тим, додава таткото на деветгодишниот фудбалер.

Неговиот талент поминал низ неколку филтри на генерации, пред се во фудбалската школа „Форца“, под чија палка е легендарниот Јовче Џипунов.

  • Да, станува збор за исклучително талентирано дете. Токму јас го тренирам во школата и можам да кажам дека технички е супериорен на теренот, го дава својот максимум и предизвик е да се работи со такви деца. Убаво е чувството да се работи со талент каков што е Даријан, кој покажува нешто надреално. Посветен е на теренот, има визија за фудбал, односно покажува сè што треба да поседува еден млад фудбалер на кој му претстои блескава иднина, секако доколку продолжи да чекори во вистинскиот правец. Бројни фудбалери излегоа од нашата фудбалска школа, како Елиф Елмас, Дарко Чурлинов, што само по себе покажува дека со правилна работа кон децата, може да се дојде до вистинските резултати, велиза ВЕЧЕР, Јорданчо Дани Џипунов, син на Јовче Џипунов.

Инаку, Даријан не може да потпише за школата на каталонскиот гигант само поради неговата возраст (девет години) бидејќи според правилниот на УЕФА, фудбалери под 13 години не можат да имаат професионален договор врзан за некој клуб. Тоа значи дека пред Даријан се уште четири години тренинзи и напорна работа, пред да дојде до добие толку посакуваниот договор од најпознатата фудбалска школа, а за тоа време постојано ќе биде на „радарот“ на тренери од каталонскиот гигант.

Кристијан ТРАЈКОВСКИ

 

ИЗДВОЕНИ